Промовирана платформа за пријавување насилство врз ЛГБТ луѓето

ЛГБТ лицата кои искусиле некаков вид насилство или дискриминација отсега ќе можат со неколку клика да го пријават нивниот случај преку онлајн платформата prijavinasilstvo.mk, покрената од коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и ЛГБТ центарот. Платформата има за цел да послужи како дата база на информации кои ќе им послужат на институциите да преземат мерки за заштита на овие лица. Интернет страницата не бара име и презиме, но ЛГБТ лицата можат да остават свој контакт доколку сакаат да добијат бесплатна правна помош, психоцосијално советување или некоја друга услуга што ја нудат граѓанските организации.

Прв пријавен случај е нападот врз ЛГБТ центарот, ноќта на 23 октомври 2012 година. Невладините велат дека системот во државата е нефункционален и дека институциите потфрлиле во заштита на основните човекови права на сите луѓе, особено на ЛГБТ групата, поради тоа, сметаат дека се појавила потреба за постоење на една ваква платформа.

„Јавното обвинителство води истрага, со особен акцент на ‘води’, повеќе од три години за сторители снимени на камера, полицијата молчи, политичките елити шират хомофобија, а насилниците во таков контекст стануваа локални херои“, рече активистот Огнен Јанески за време на презентацијата на платформата, која се одржа во знак на протест пред Јавното обвнинителство.

Дискриминацијата се уште е присутна, велат невладините организации. Нивните искуства од терен покажале дека мал дел од нив се осмелуваат да пријават насилство, поради недоверба во системот и неговите институции.

„Околу 75 отсто од ЛГБТ луѓето не веруваат дека полицијата ќе ги заштити нив и нивните права кога тие ќе имаат потреба од тоа, а високи 90,93 отсто од нив, сметаат дека државата не обезбедува основни информации за кој било граѓанин, коишто им се потребни, кои би им биле од корист при процесот на заштита и самозастапување на нивните права при државните и другите институции“, појасни Павле Богоевски од Коалицијата.

Овие податоци се дел од анализата што Коалицијата ја спроведе во 2015 и 2016 година, на 134 испитаници во повеќе градови, меѓу кои Скопје, Тетово, Куманово, Битола.

„За нас како организацијата, резултатите се застрашувачки. Заклучивме дека ваквото досегашно работење на институциите, пред се, водењето премногу голема сметка за личните и партиски интереси, неподготвеноста да се признае дека треба да се промени нешто, доведе до една состојба во нашата држава каде што ЛГБТ и луѓето се чувствуваат не какограѓани од втор ред, туку и како од трет, четврти ред“, вели Богоевски.

Според податоците, четири од десет ЛГБТ луѓе сметаат дека во својот живот биле дискриминирани при користење на правото од областа на социјалната заштита, 36 отсто сметаат дека биле дискриминирани на своето работно место, со различни облици како спречување да се почне со работа, неунапредување или отпуштање од работната полиција.

Во однос на насилството, 65,9 отсто сметаат дека биле жртви на насилство поради нивната сексуална ориентација, или родов идентитет, а само 30 отсто од нив го пријавиле случајот во полиција, додека 16 отсто од испитаниците рекле дека претрпеле прекумерна и неоснована полициска силае.

„Во сите овие случаи, главна причина за непријавување на случаите е недовербата на институциите дека ќе го решат случајот и дека воопшто ќе постапуваат по него. Втората причина е чувството на неудобност при разговарање со државни институции во врска со сексуална ориентација и родов идентитет“, рече Драгана Дрндаревска од Коалицијата.

Најмногу помош, пак, ЛГБТ луѓето сметаат дека добиваат од невладините организации, на кои им веруваат дека ќе ги заштитат нивните права.

Платформата е заеднички проект помеѓу Коалиција и ЛГБТ центарот, поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско општество и производ на „Метаморфозис“ и „Кома“. Во иднина, организациите ќе работат на воспоставување на соработка со локалните полициски станици, токму за да влијаат во подигнување на довербата. Една од мерките е и изготвување на прирачник за тоа како треба полицијата да се однесува, во заштита на лични податоци, сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

„Ние ќе продолжиме да инсистираме институциите да си ја вршат својата работа, односно да ги штитат правата на сите граѓани, како и на ЛГБТ заедницата“, порачаа активистите за правата на ЛГБТ заедницата.