Промовирана Декларација за етичко и професионално известување за ЛГБТИ популацијата

Во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми денеска беше промовирана Декларација за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ во медиумите.

Декларацијата е иницијатива на Коалицијата Маргини заедно со Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија, и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми.

Целта на оваа иницијатива е да се спречи дискриминаторскиот и дерогирачки говор кон ЛГБТИ во медиумите, и да се поттикне заложба кај медиумите за промовирање на сексуалната и родовата различност, и заштитата на правата на овие лица.

Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски, посочи дека Агенцијата спровела ново истражување во кое се мерат и анализираат и ставовите на медиумската публика кон теми поврзани со ЛГБТИ во медиумите.

Марина Тунева од Советот за етика во медиумите ја нагласи важноста од саморегулација во медиумите, како и нивната клучна улога во промоцијата и заштитата на правата на ЛГБТИ луѓето. Врз основа на досегашната пракса и разгледуваните претставки и иницијативи на Советот, Тунева ги посочи и главните карактеристики на медиумското известување за теми поврзани со ЛГБТИ.

Дениз Сулејман од Здружението на новинари ги потсети медиумите на одредбите и вредностите кои ги промовира Кодексот на новинари на Македонија, и потсети на заложбите и предлозите на Здружението за вклучување на сексуалната ориентација како забранет основ за дискриминација во новиот Закон за медиуми.

Иницијаторите на Декларацијата ги повикаа уште еднаш сите медиуми кои до сега не ја потпишале Декларацијата, да го сторат истото, и со тоа да ги потврдат нивните заложби за, како и да испратат јасна порака до граѓаните дека ги осудуваат дискриминацијата и говорот на омраза кон ЛГБТ луѓето, и ја препознаваат својата улога во застапувањето и промоцијата на човековите права.

Оваа иницијатива е дел од Проект на УСАИД за инклузија на ЛГБТИ заедницата, реализиран во партнерство помеѓу Коалицијата Маргини, ЛГБТИ центарот за поддршка, и ЛГБТ Јунајтед Тетово.