Проекција на „Во прегратките на змијата“ и дискусија во СЦ „Дуња“

Со Социјалниот центар „Дуња“ вечерва од 19:30 часот ќе има проекција на филмот „Во прегратките на змијата“.

„Филмот прикажува две патувања на домородниот шаман Карамакате во колумбиската амазонска џунгла: едното со Тео, германски етнограф, а другото со Еван, американски ботаничар, и двајцата во потрага по реткото растение- јакрана. Филмот е посветен на изгубените амазонски култури“, стои во најавата за настанот.

После проекцијата ќе следи дискусија за филмот, причините за пожарите во Амазон и последиците врз домородното население и иднината на целата планета.

Инаку, Амазон се протега на територија голема колку и Австралија. Во изминатиот половина век, една петтина од оваа шума (или територија колку Тексас) била исечена или изгорена на територијата на Бразил, во чии граници се наоѓа 2/3 од Амазон.

Научниците предупредуваат дека доколку се уништи уште една петтина од Бразилските дождовни шуми, ќе се предизвика т.н dieback – каскаден циклус на колапс, низ кој шумата гори до степен кој не може понатаму да се менува со било каква човечка интервенција.