Продолжен рокот за видео-конкурсот на тема „образование“: Учествувај за вредни награди – ваучери за ИТ опрема

Продолжен е рокот на #CtrlZ предизвикот за млади што го објави Фондацијата Метаморфозис. Видео конкурсот на тема „образование“ е отворен до 2 мај 2023 година. Право на учество на конкурсот имаат сите млади на возраст од 14 до 29 години.

Учесниците на предизвикот треба да создадат кратко видео поврзано со темата „образование“ во кое ќе претстават одреден проблем од основното, средното или високото образование.

„Државна матура“, „Дојави за бомби во училиштата“, „Студентски домови“, „Инклузивно образование“, „Сеопфатно сексуално образование“ – се само дел од темите што учесниците на конкурсот можат да ги обработат во своите видеа.

За повеќе идеи, авторите можат да ја погледнат категоријата „образование“ каде се наоѓаат сите написи на темата што Новинската агенција „Мета.мк“ активно ја следи.

Видеото не треба да биде подолго од четири минути, а јазикот на видеото (доколку нешто се зборува или пишува) може да биде македонски, албански или англиски. Ќе се прифаќаат и содржини во кои не мора да има говор или текст, односно пораката може да биде пренесена преку она што се прикажува во видеото.

„Видеото може да биде снимено со каква било камера, мобилен телефон или друг уред. Во случај да се користат материјали кои не се авторски, задолжително е тие да се со отворена лиценца, односно да се слободни за бесплатно користење. Забрането е користење материјали заштитени со авторски права или плагијаторство во апликациите“, велат од Мета.

Секој автор може да учествува со најмногу едно видео. Видеата се испраќаат на адресата info@meta.mk со назнака ВИДЕО КОНКУРС.

Повеќе инфо и детали за конкурсот може да се најдат ТУКА.