Отворен повик за натпреварот „Зелени идеи 2021“

Здружението за социјални иновации АРНО го објави повикот за учество на натпреварот за зелен, одржлив бизнис, кој е отворен за сите граѓани до 12 мај.

Дополнително, здружението ги повика заинтересираните да се пријават на работилниците за да добијат помош и менторство во пополнувањето на формуларите.

„Немаме што да кажеме многу паметно во пандемија во која се губат работни места, човечки животи. Ние само може гласно да си потврдиме дека иднината на економијата ја гледаме во социјалното и зеленото претприемништво, во бизнис моделите во кои јасно се гледа грижа за луѓето и искрен однос кон животната средина. Нашите граѓани имаат капацитет да бидат и искрени и иновативни, тоа го гледаме преку освојување на регионалните награди секоја година. Ние сакаме во периодов што е тежок и неизвесен да им понудиме на граѓаните предизвик да размислуваат за зелени бизниси, а сакаме и да понудиме и поддршка на домашната зелена економија“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Минатогодишната регионална победничка Софија Дацева од WISE Group која победи со идејата за преработка на винскиот отпад во прехранбен адитив, на денешниот настан зборуваше за патот на основање на бизнис кој функционира на принципите на циркуларната економија и желбата и потенцијалот на младите луѓе своите прогресивни идеи да ги реализираат и дома.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во земјите од Западен Балкан и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја.

И оваа година, АРНО ќе додели 1000 долари за бизнис концептот и по 2000 долари за бизнис идеите кои ќе бидат избрани во финалето како три македонски победнички идеи.

Повеќе информации за учество на натпреварот се достапни на следниот ЛИНК.