Продавниците за марихуана во Портланд собираат пари за кампањата на Сандерс

Компанија за канабис во Портланд, Орегон собира пари за претседателскиот кандидат Берни Сандерс. Сандерс е кандидат кој најмногу се зазема за реформирање на законите за одгледување и продажба на марихуана, со што ја доби поддршката на индустријата.

Продавниците Foster Buds и Glisan Buds, чиј сопственик е истата компанија-родител, ќе соработуваат со одгледувачот на марихуана Farmer 12 за нивната кампања Burn One for Bernie. Продаваат „специјален џоинт“ од еден грам за 10 долари по парче, и ќе донираат 10 проценти од вкупната продажба за кампањата на Сандерс.

Индивидуални донатори можат да дадат најмногу до 2700 долари на кандидат (иако можат да донираат колку што сакаат на Super PAC комитетите). Секоја продавница за марихуана се надева дека ќе ја донира таа сума за да му помогне на Сандерс да ја добие номинацијата.

„Сандерс сака да ја одржи медицинската програма за нацијата, што е одлично бидејќи без медицинската програма, не би биле тука денес“, изјавил менаџерот на Foster Buds, Кен Мартин.

И други компании во индустријата на марихуана го поддржуваат кандидатот. Минатата недела компанија за производство на лулиња го најави Burners for Bernie сетот керамички лулиња, и донира 10 проценти од заработката за Сандерс.

Сандерс предложи легислатива која ќе го исклучи канабисот од Законот за контролирани супстанци и е еден од најгласните политичари кои ја критикуваат „нарко војната“. Како кандидат со најголема поддршка за легализација на марихуаната, поддршката од оваа индустрија за него веројатно ќе расте, пишува Mashable.