Претстави на Велешкиот и Битолскиот театар вечер на МОТ

„Шумата на моето дрво“ на Велешкиот театар, „1 сиромашен и една 0“ на театарот BADco од Загреб и „Доктор Фауст“ на Битолскиот театар се на програмата на четвртиот фестивалски ден на 42. Млад отворен театар.

Претставата на Велешкиот театар е во терминот од 18 часот на сцената на Младинскиот културен центар. Актерот Васил Зафирчев и музичарот Сашко Костов со текстот на Сашо Димовски и низ режијата на Александар Ивановски создаваат микрокосмос од сетилни сензации, низ кои се презентира поместениот, зачуден свет на една шума.

– Претставата ја создаваат, поточно, компонираат звуци, зборови, актерска игра со сите потенцијали. Претставата е како своевидна композиција на сѐ што во театарот било институционално маргинализирано, а креативниот тим го носи на пиедестал враќајќи нѐ кон ритуалните корени на театарот. Минимализмот на режијата е само водилката низ овој комплексен сетилен свет каков што ретко гледаме на македонските сцени, наведува МОТ во најавата.

Од 20 часот во Кино Култура гостува хрватскиот театар BADco со претставата „1 сиромашен и една 0“ во режија на Томислав Медак, за која организаторите на фестивалот информираат дека е во два слоја: додека изведувачите пред публиката изнесуваат различни начини на распаѓање на работникот, публиката се вовлекува во процесот на преобразба: од популарниот медиум на филмот, до популистичкиот политички театар.

За крај на денешниот фестивалски ден на МОТ е претставата на Народниот театар Битола „Доктор Фауст“ во режија на Андраш Урбан која од 22 часот ќе биде изведена во Македонската опера и балет.

– Познатиот режисерски ракопис на Андраш Урбан – соголен, суров и сиров приказ на тематиката што ја презентира и текстот на Кристофер Марлоу – посветен на борбата на еден човек со неговите граници и потрагата по знаење, заедно со ансамблот на Битолскиот театар, прават претстава што е важна за македонската театарска практика. Ова е претстава, која специфичната просторна естетика на режисерот ја пренесува како потенцијално поле за соочување на еден човек со себеси и своите и туѓи морални вертикали. Искрена, брутална, сурова, но истовремено длабоко човечка претстава, која публиката ја прави свој член во тимот и учесник во процесот, претстава што поставува и одговара на многу прашања што го мачат современиот човек, пишува МОТ во најавата за „Доктор Фауст“.