Пречекот на европскиот ракометен шампион „Вардар“ почнува во 19 часот на скопскиот аеродром

Со чартер-лет на меѓународниот аеродром „Скопје“ денеска во 18:50 часот ќе слетаат ракометарите на европскиот шампион РК „Вардар“. Тие ќе бидат пречекани од граѓаните откако синоќа, на Ф4 турнирот во Келн ја освоија титулата во ЕХФ Лигата на Шампиони.

Оттаму со организиран превоз, по 20:00 часот ракометарите ќе пристигнат на плоштадот „Македонија“. Ова следува откако утрово Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов, донесе одлука за организација на официјалниот пречек на шампионот.

„Со оваа одлука ќе се подмират трошоците за чартер-летот, како и сума од 2 милиони денари за организација на настанот“, посочи градоначалникот Шилегов.

Покрај тоа обезбедена е и парична награда од 6 милиони денари за ракометниот клуб, стои во официјалното соопштение на Град Скопје.

Паралелно со ова, навивачката група Комити Скопје организира дефиле и пречек на шампионот. Како што стои на нивната официјална фејсбук страна, собирот почнува во 17:00 часот пред спортската сала „Јане Сандански“. Оттаму со организиран превоз ќе се упатат кон аеродромот каде ќе ги пречекаат ракометарите и заедно со нив ќе продолжат кон плоштадот во центарот на градот.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат на достоинствен пречек на ракометарите и најавуваат санкции за било каков обид за предизвикување инцидент.

„ Апелираме до граѓаните да не употребуваат навредливи пароли, скандирања или пеење на песни со кои шират говор на омраза, затоа што тоа ќе биде санкционирано. Апелираме до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства затоа што на тој начин се загрозува безбедноста на граѓаните, како што тоа беше случај синоќа со една девојка што се здоби со повреди од пиротехничко средство“, посочуваат од МВР.

Оваа е втората европска титула во историјата на ракометниот клуб по освојувањето на ракометната Лига на Шампиони во сезоната 2016/17. Тимот го повтори овој успех откако успеа да го победи „Веспрем“ во финалето на Ф4 турнирот во Келн, веднаш по историскиот пресврт во полуфиналето против „Барселона“.