Повик за волонтери за фестивалот на јапонска култура „Нихон Џи“

Japan@mk ги повикува сите заинтересирани волонтери кои сакаат да се вклучат и помогнат во координација на фестивалот „Нихон Џи“ на самиот ден на настанот – 28 мај.

„Ги молиме сите заинтересирани да нé контактираат преку порака на копчето SEND MESSAGE“, се вели во повикот на нивната Фејсбук-страница.

Како што претходно објасни Билјана Кочоска од организацискиот тим за Радио МОФ, посетителите на „Нихон Џи“ ќе можат да се запознаат со повеќе аспекти и вредности на јапонската култура. Преку литература, хаику поезија, кинематографија, јапонска музика, презентација на боречки вештини, па се’ до целодневен натпревар во играта „Текен“. Исто така, дечките од Japan@mk најавија и косплеј за најдобар костим, дел за роботика, гастрономија, дебата со споредби меѓу јапонското Аниме со западната анимација и стрип, но и церемонија за чај.

Настанот и екипата зад него имаат приземна цел за претставување на јапонската култура, но и принципи поврзани со слободната култура, солидарност, правење заедно работи.