[Интервју] Билјана Кочоска: Фестивалот „Нихон Џи“ е место за јапонска култура и солидарност

„Јапонската култура доаѓа во Скопје!“. Вака дел од медиумите ја пренесоа веста дека на 28 мај во „Јавна соба“ ќе се одржи фестивал на јапонска култура „Нихон Џи“. Настанот и екипата зад него имаат приземна цел за претставување на јапонската култура, но и принципи поврзани со слободната култура, солидарност, правење заедно работи. Кој што знае, што го интересира, како може да придонесе. Отворен е за поединци, ентузијасти, креативци, гејмери, гикови, weeb-ови (љубители на јапонска култура), но и компании што би скокнале со свој општествен придонес. 

Генерално, посетителите на „Нихон Џи“ ќе можат да се запознаат со повеќе аспекти и вредности на јапонската култура. Преку литература, хаику поезија, кинематографија, јапонска музика, презентација на боречки вештини, па се’ до целодневен натпревар во играта „Текен“. Исто така, дечките од Japan@mk најавуваат косплеј за најдобар костим, дел за роботика, гастрономија, дебата со споредби меѓу јапонското Аниме со западната анимација и стрип, но и церемонија за чај.

„Ние сме вљубеници во јапонска култура. Ова го правиме ентузијастички. Тоа сме го правеле и порано, а сега пак се собравме некоја критична маса луѓе за да го вложиме слободното време. Без разлика дали ќе имаме поддршка, финанска, или било каква, тргнавме ‘да го биде’“, вели во разговор со Радио МОФ, Билјана Кочоска, дел од тимот што го организира фестивалот.

Кочоска, некаде позната и под псевдонимот Bi, е магистер по нови медиуми и комуникација, маркетинг специјалист. Таа е киберпанк фрик и горд weeb. Како што вели, ужива во „mono no aware“ литература и ефемерноста на постењето.

Се присетува дека Japan@mk стартувал 2008 година. Тогаш во културниот центар „Точка“ се организираа настани под името „Јапанорама“. Кочоска е преостаната од таа група, која ја карактеризира како заедница.

„Произлеговме од ‘Слободен софтвер Македонија’. Со нив соработував, во време кога актуелна беше слободната култура, слободните лиценци, борбата против копи-рајтингот, капиталистичките работи што ја затвораат културата… Се одвиваше и ‘Слободно кино’ во склоп на ‘Слободен софтвер’. Луѓето сами предложуваа што да се гледа. Јас како weeb си реков: ‘ај да најдам луѓе како мене, што ги интересира јапонска култура, Аниме, ова-она’. Развиено беше блогирањето, барав и по форуми кој што пишувал, што го интересира… Па, се собравме неколку луѓе и ја направиме ‘Јапанорама’“, вели таа.

Почнале да пуштаат филмови, документарци, Аниме, правеле и косплеј… Се создала и група што преведувала Манга на македонски јазик.

„Бевме толку уходани што секој петок од 12 излегуваше Манга онлајн, за да може секој да ја чита. Извадивме 14 поглавја. И, тоа луѓе што меѓусебно се немавме видено во живо, буквално! Тоа беше некаде 2010 година, сите со распределени обврски, за превод, проверка на квалитет… Супер функциониравме!“, раскажува Кочоска, дополнувајќи дека оттука и фестивалот „Нихон Џи“ е произлезен од таа идеја, каде ќе се разменуваат знаења и искуства.

На прашањето дали со „Нихон Џи“ сакаат да допрат и до поширока публика, со оглед дека мас-медиумите сервираат повеќе западна продукција и култура, па многумина не по своја вина немаат допир со јапонска култура, таа вели дека како гикови и weeb-ови кога организирале настани во „Точка“, секогаш си барале припадност со своја група. Да се чувствуват убаво, да си направат муабет за работи што ги интересира. Сега, гледаат како младите повторно ги прифаќаат тие нешта.

„Младите сега многу повеќе гледаат Аниме. Веќе донекаде влегува во мејнстримот, а нема ништо мејнстрим што се случува поврзано со тоа, нели? Има потреба, ама нема случувања. Дури и деца се интересираат, бараат преку социјални мрежи, ТикТок, Инстаграм и сл. Додека, традиционалните и ТВ медиуми за ‘бумери’ не им се релевантни. Не се релеватни ни за мене, а не пак за помладите генерации. Каскаме од културолошки аспект. Не им нудиме ништо со што би се поврзале“, забележува Кочоска.

Така да, освен Аниме и Мaнга, сакаат да претстават и навлезат со фестивалот малку и подлабоко во јапонската култура. За боречките вештини, дисциплината, вредности за ценење на трудот, каков е влогот на индивидуалецот за заедницата…

„Јапонците насекаде ги внесуваат таквите концепти. Имаат и високи стандарди за квалитет, технологија споена со секојдневието, добар дизајн, посветено внимание. Такви стандарди ни се потребни и тука. Кога ќе видиш дека тоа може да се постигне, можеби ќе те мотивира да станеш подобар. Затоа е добро да примиме нешто од таа култура, особено што и тие имаат слабост кон нас. Интересна им е македонската култура. Па, убаво е да се разбереме и споиме на некое ниво, иако доста сме различни“, посочува таа.

Повторува, како тим се отворени. Секој може да се вклучи, нешто да направи, барем да проба, како што и тие години наназад можеле да прават.

„Овој фестивал е израз на солидарност. Луѓето се самоорганизирани. Ние секако ги координираме, ама сами по себе носат иницијатива. Одговорни се за својот дел. Дизајнери, илустратори, уметници… Имаме поддршка од сите, а солидарноста е нешто што не’ врзува. Досега успеваме без пари, а се шириме, се надеваме дека ќе станеме пример. Според јапонската култура, тие го ставаат општеството пред се’, групниот напор пред индивидуалниот. Оттука, секој може да се вклопи со фестивалот со помош, волонтерство, идеја, а ќе продолжиме и понатаму со помали настани“, констатира таа.

Освен Кочоска, во организацискиот тим се и Ирма Башеска Ристовска, Стефан Ристовски, Марко Николов и Тања Блажевска.

Бојан Шашевски