Поштенска марка и монета со ликот на Блаже Конески во чест на 100-годишнината од неговото раѓање

Министерството за култура соопшти дека Владата на Република Северна Македонија ја усвои Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Носител на Програмата за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која ќе се одвива под покровителство на Претседателот, Стево Пендаровски, е Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

„Програмата ќе се реализира во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата се обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за млади и спорт. Покрај многубројните културно-образовни содржини, во рамките на јубилејот е предвидено Народната банка на Северна Македонија да издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата на Северна Македонија ќе издаде поштенска марка со ликот на великанот на македонската култура, додека настаните ќе се реализираат под унифициран плакат и лого на манифестацијата“, соопштија од Министерството за култура.

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, 2021 година е посветена на великанот на македонската култура, со што Северна Македонија и официјално се приклучува кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите Нации оваа година да биде Година на мирот и довербата.