„Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?“ – Изложба и документарец на АКТО 18

Програмата на фестивалот АКТО 18 за октомври, под името: „Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?“ предвидува едукација, изложба, проекција на филм и разговори и сето тоа испреплетено низ архитектурата, уметноста, филмот, театарот…  инспирирани од грижата кон другиот и просторите помеѓу.

На 13 октомври (петок) во 19 часот, во амфитеатарот на Архитектонски факултет, ќе биде прикажан документарниот филм „Витиќ танцува“ на концептуалниот интермедијален уметник Борис Бакал и уметничката организација „Фрлачи на сенки“ посветен на дваесетгодишната борба на станарите за обновување на Витиќевиот облакодер во Загреб, инаку ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станува метафора на целото општество.

„Филмот преку архивски снимки и сведоштва на поранешни и сегашни жители на Витиќевиот облакодер, архитекти, активисти и други инволвирани се обидува да воспостави свест за инфраструктурата во служба на заедницата. Тоа е зграда во која се рефлектираа сите клучни општествени моменти и несогласувања. Вреден и долго запоставен споменик на културата, Витиќевиот облакодер истовремено е и показател за систематска негрижа кон социјалистичкото наследство, но и за парадоксот на поранешниот систем. Нормализацијата на клиентелизмот и корупцијата, недоволниот капацитет за домување во Загреб, систематското запоставување на јавните простори и отсуството на урбанистичко планирање се теми што се рефлектираат во филмот“, најавуваат организаторите.

На 21 октомври (сабота) во 12 часот, во Киното на Железничка станица, ќе биде отворена изложбата „Попаметен град 3.0 – Феникс или апокалипса?

„Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“ „Фрлачите на сенки“ нè провоцираат со прашањата: „Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи?“, „Каде да се најде солидарност за време на катастрофа?“ и „Што ако отсуствува таков човечки однос?“ Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како `феникс`“, велат од фестивалот.

Партнери на АКТО 18 се Институт за театар од Чешка/Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, ИЗОЛАТЦИА –Киев, Украина, Shadow Casters (Загреб), Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.

АКТО 18 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Trust for Mutual Understanding New York, Фондацијата „Хајнрих Бол“,Институтот „Гете“, Европската Унија – проект „Острови на сродство“, проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“.