Париз ќе наплаќа поскап паркинг за теренските возила за да се справи со гломазните автомобили

Градскиот совет на Париз воведе поскап паркинг за сопствениците на теренски возила со цел да се намали натрупаноста со големи, гломазни автомобили во главниот град на Франција.

Иако се` уште не се споделени детали за цената која ќе треба да се плаќа, се знае дека за поскапиот паркинг ќе влијае големината, тежината и моторот на возилото, пишува Гардијан.

Електричните возила и оние кои имаат поголеми семејства, за кои е потребно поголемо возило, најверојатно ќе бидат исклучени од овие нови правила за поскап паркинг кои треба да стапат на сила од 1 јануари 2024 година.

„Сакаме Париз да ја промени цената за паркинг прогресивно со тежината и големината на возилата. Целта е да се стави фокус на апсурдноста на авто-гломазноста… константниот раст на тежината и големината на возилата кои циркулираат во нашите градови, особено во Париз“, вели Фредерик Бадина-Серпет, советник од еко-партијата ЕЕЛВ, кои беа иницијатори на овој предлог.

Официјалните бројки покажуваат дека теренските возила во градот се зголемиле за 60% во последните четири години, и сега сочинуваат 15% од 1,15 милиони возила кои се паркираат во Париз секоја вечер. Градските власти се надеваат дека со покачување на цената ќе се стопира зголемувањето и ќе се охрабри поседувањето на полесни возила.

Според Давид Белиар, заменик градоначалник одговорен за јавниот простор и мобилноста, теренските возила се неприкладни за градски средини.

„Не постојат неасфалтирани, планински патишта. Теренските возила се апсолутно бескорисни во Париз. Уште полошо, тие се опасни, гломазни и користат многу ресурси за производство“, вели Белиар.

За Пјер Шасере, портпарол на групата за заштита на возачите, бројот на теренски возила пораснал најмногу поради тоа што ги купуваат поголеми семејства за да ги заменат своите комбиња.

„Тоа се семејни возила… кои се користат за одење на викенди или на одмор. Со ова им удоволуваме на мало малцинство на многу урбана популација која одлучила дека теренските возила се симбол во борбата против загадувањето“, изјавил Шасере за Ле Паризиен.

Властите во градот Лион воведуваат слична мерка за поскап паркинг во зависност од тежината на возилото од следната година. Слична политика се очекува да воведе и Гренобл.