Парижаните револтирани откако се воведе наплата за паркинг на мотори и скутери

Возачите на мотори и скутери во Париз се разбеснија по последната одлука дека тие отсега ќе мораат да плаќаат паркинг.

Локалната власт во францускиот главен град најави дека од 1 септември се воведува наплата на паркинг на моторизирани возила на две тркала со образложение дека тоа е неопходен одговор на климатските и проблемите со јавното здравје.

Одлуката е да се наплаќа по 3 евра на час за паркирање на моторите во центарот на Париз, додека оваа услуга ќе чини 2 евра во другите делови од градот. Жителите ќе можат да платат и месечна карта која ќе чини 22,5 евра.

„Ова е катастрофа. Работиме од 8 до 12 часа дневно. Со паркинг од 3 евра на час, тоа би не чинело просечно по 500 евра секој месец“, вели Себастиен Мазеле, кој работи во компанија за безбедност и патува низ Париз на неговиот мопед за работни состаноци.

Салоните за мотори велат дека воведувањето на паркинг карти ги принудило нивните клиенти да се префрлат на електрични мотори и скутери, за кои нема да се наплаќа паркинг.

„Луѓето купуваат електрични возила не само затоа што помалку загадуваат, туку и за да избегнат плаќање паркинг. Минатата недела продадовме околу 60 електрични мотори“, вели Јони Лугаси, менаџер на салон за мотори во Париз.

Сепак има примери како оној на Роман Лагрос, кој живее 45 километри од центарот на градот и кој би сакал да купи електричен мотор. Но, вели дека не може да си го дозволи тоа.

„Го купив мојот мотор за 8.000 евра, а нов електричен чини 20.000 евра. Паркингот чини половина од оној на автомобилите, а на едно паркинг место можете да паркирате четири мотори. Тоа е кражба“, вели тој.

Според заменик-градоначалникот на Париз, Давид Белиар, мерката треба да ги охрабри граѓаните да користат други видови транспорт.

„Мерката е контроверзна и многу луѓе не се среќни. Но, истовремено има и луѓе кои посакуваа ваква мерка. Се работи за машини кои окупираат јавен простор, кои прават бучава и кои загадуваат. Најголемиот број луѓе денес на работа доаѓаат со јавен превоз. Се проценува дека околу 100.000 скутери и мотори секојдневно поминуваат низ Париз. Ние сакаме да охрабриме миграција кон други форми на мобилност“, објаснува Белиар.