„Подај рака“ – четврта хуманитарна трка за лицата со Вилсон

„Вилсон Македонија“ на 21 октомври повикува на четврта по ред хуманитарна манифестација за поддршка на лицата со Вилсонова болест во земјава.

Целта на оваа акција е да се подигне свеста на јавноста за Вилсоновата болест, да се поттикне социјална вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест, но и што повеќе луѓе на рекреација и подобрување на нивната општа психофизичка состојба.

„Инспирирани од одличната атмосфера на претходните изданија на ‘Подај рака’, оваа година ве чекаме со уште побогат настан кој го карактеризираат традиционалната штафетна трка и најслатката детска трка, но и добрата забава која ќе ја поддржат наши реномирани музичари, локални уметници кои ќе се претстават на мал базар за рачно изработени производи, како и други изненадувања. Горди сме што заедно со несебичната помош и подршка на хуманите луѓе и општествено-одговорните компании, кои ги поддржаа претходните изданија на ‘Подај рака’, успеавме во во 2015 да набавиме реагенси за рана детекција и следење на Вилсонова болест, во 2016 да ја организираме првата регионална конференција за поврзување на пациенти и доктори од Македонија, Бугарија, Србија и Австрија, а во 2017 да постигнеме значителни чекори напред во решавање на потребата од законско препознавање и регулирање на ретките болести“, велат од „Вилсон Македонија“

Оваа година, нивна цел е подигнување на стручната свест за Вилсоновата болест, па со ова издание на „Подај рака“ ќе ги одбележат 2. Регионална конференција за Вилсон, како и Вилсоновиот карван, што ќе стартува од Скопје и ќе помине низ градовите во Македонија, а ќе има за цел поблиско запознавање на матичните лекари со можните симптоми и начините за рано препознавање на болеста.

„Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка на сите лица кај кои најчесто како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со нив. Лицата со ретки болести имаат право да не бидат невидливи во општеството. Подај рака!“, соопштува „Вилсон Македонија“.

Повеќе околу учеството, промозициите и правилата може да се прочита ТУКА.