Почиститот воздух во Европа поради карантинот спасил 11.000 животи, тврди нова студија

Подобрувањето во квалитетот на воздухот изминатиов месец поради карантинот околу коронавирусот довело до 11.000 помалку смртни случаи од загадување во Европа, покажува нова научна студија.

Наглото намалување на сообраќајот и индустриските емисии резултирало и со 1,3 милиони денови помалку отсуства од работа, 6.000 деца помалку кои развиле астма, избегнати 1.900 посети на интензивна нега како и 600 помалку предвремено родени деца, според податоците на Центарот за истражување на енергија и чист воздух.

И додека пандемијата продолжува да има ужасни последици, со повеќе од 220 илјади смртни случаи на светско ниво од почетокот на годината, авторите на истражувањето велат дека одговорот на кризата понудил надеж за почиста и поздрава средина која е возможна доколку светот се оттргне од загадувањето со индустријата на фосилни горива.

Споредено со истиот период лани, нивоата на азот диоксид се намалиле за 40%, ПМ-2,5 честичките се намалиле за 10%. Овие два вида на загадување се одговорни за околу 470 илјади смртни случаи годишно во Европа.

Истражувачите утвдиле дека најголем број смртни случаи од загадување биле избегнати во Германија (2.083), по што следуваат Велика Британија (1.752), Италија (1.490), Франција (1.230) и Шпанија (1.083).

Вкупната бројка од 11.000 избегнати смртни случаи е проценка од серија на компјутерски анализи со резултати кои се движеле од 7 до 20 илјади избегнати починати лица на европско ниво.