По истекот на примирјето, израелските сили продолжија со воздушните напади ширум Газа

Израелските одбранбени сили (ИД) денеска соопштија дека извршуваат нов бран воздушни напади врз цели на Хамас во Појасот Газа, а според палестинската страна, во бомбардирање во Рафа загинале три лица, пренесува Данас.

Според „Тајмс оф Израел“, претставници на Хамас изјавиле дека израелските воздушни напади го погодиле јужниот дел на Газа, вклучувајќи ја и заедницата Абасан источно од градот Кан Јунис.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека три лица загинале во израелските воздушни напади во Рафа, јужно од Појасот Газа. Според некои податоци, во нападите утринава ширум Газа убиени се повеќе од 26 лица.

Прекинот на огнот што стапи на сила на 24 ноември помеѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас кое е на власт во Појасот Газа истече утрово, а борбите продолжија. Примирјето истече во 7 часот по локално време.

Во соопштението на израелската армија се вели дека „продолжува борбата против терористичката организација Хамас во Појасот Газа“.

Сирените се огласија во неколку израелски места недалеку од Појасот Газа.

Од утрово има десетици израелски артилериски и воздушни напади во градот Газа.

За време на шестдневното примирје, Хамас ослободи 70 израелски заложници и околу 30 лица со двојно државјанство во замена за ослободување на 210 Палестинци кои се држат во израелските затвори.