Израел и Хамас договорија четиридневно примирје и ослободување на дел од заложниците

Израел го одобри договорот за четиридневно примирје на војната во Газа, во кој е вклучено и ослободување на дел од заложниците кои ги држеше Хамас, како и пуштање на палестински затвореници од страна на Израел.

Договорот доаѓа по повеќенеделната жестока војна, но и двете страни велат дека борбите ќе продолжат по истекот на примирјето.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека договорот за ослободување на заложниците е „исправна одлука“ пред состанок на владиниот кабинет.

„Владата ја одобри првата фаза од договорот, според кој најмалку 50 заложници, жени и деца, ќе бидат ослободени во четирите дена во кои нема да има воени дејствија“, стои во соопштението за јавност од израелската Влада.

Примирјето утрово го поздрави и Европската Унија, а претседателката на Европската комиија, Урусла Фон Дер Лајен повика да се засили хуманитарната помош.

Договорот бил постигнат со посредство на Катар, Египет и САД. Од Катарското Министерство за надворешни работи потврдија дека прекинот на огнот треба да започне во следните 24 часа и ќе трае четири дена, со можност за продолжување.

При нападот од милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври, кој беше повод за војната во Газа, беа убиени 1.200 луѓе, а околу 240 Израелци и странски државјани беа киднапирани и се држат како заложници.

Израел одговори со жестоки бомбардирања на Појасот Газа во кој досега загинаа повеќе од 11 илјади Палестинци, а беа уништени цели населби доведе до раселување на голем дел од популацијата, од кои половина се деца.