Израел и Палестина постигнаа примирје по конфликтот во кој загинаа над 240 луѓе

Рано утрово престана воениот конфликт меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас, откако двете страни се согласија на примирје.

Во конфликтот кој траеше 11 дена повеќе од 240 луѓе беа убиени, најголемиот дел во палестинската територија во Газа.

Набрзо по постигнувањето на примирјето голем број Палестинци излегоа на улиците и славеа. И Израел и Хамас прогласија победа во конфликтот.

Израелската војска соопшти дека се укинуваат скоро сите вонредни забрани за движење низ земјата.

Конфликтот започна на 10 мај по неколкунеделен раст на тензиите помеѓу Израел и Палестина во окупираниот дел на Источен Ерусалим помеѓу Палестинци и израелската полиција. Овие инциденти на крајот кулминираа со пресметка на локацијата која има културно значење и за муслиманите и за Евреите. По овие настани врз Израел беа испукани повеќе проектили од палестинските територии во областа Газа, по што Израел одговори со авионски бомбардирања на Газа.

Најмалку 232 лица, помеѓу нив повеќе од 100 жени и деца беа убиени во Газа според тамошното министерство за здравство. Израел тврди дека најмалку 150 од загинатите биле милитанти. Хамас не соопштува информации за починати борци од нивна страна. Во Израел, пак, дополнителни 12 луѓе, меѓу нив и две деца, беа убиени.

Светските лидери го поздравија примирјето на двете страни. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека примирјето овозможува вистинска можност за прогрес, додека генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш ги повика лидерите на Израел и Хамас да се придржуваат до прекинот на огнот, а од светот побара да обезбедат реконструктивен пакет кој ќе биде поддршка за луѓето во Палестина и ќе ги зајакне нивните институции.

Овие настани претходниве недели поттикнаа и голем број протести низ целиот свет за солидарност со палестинскиот народ, на кои се бараше прекин на воениот конфликт во кој страда цивилното население на регионот.