Главната болница во Газа повеќе не функционира, алармираат од Светската здравствена организација

Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрехесус, вели дека најголемата болница во Газа, Ал-Шифа, повеќе не е функционална откако последните три дена е без струја, вода и со многу слаба интернет врска.

Тој ситуацијата со болницата ја нарече „страшна и опасна“.

„Светот не може да остане нем додека болници, кои треба да бидат безбедни зони, се трансформирани во сцени на смрт, уништување и очај“, напиша Гебрехесус на социјалната мрежа Х.

Во меѓувреме од Агенцијата за координација на хуманитарна помош на Обединетите нации велат дека израелските бомбардирања и вооружените пресметки околу болницата Ал-Шифа од саботата се интензивирани. Била уништена критична инфраструктура, како станиците за кислород, резервоарите со вода, одделот за кардиоваскуларни интервенции, како и одделот за новороденчиња, додека во нападите загинале три медицински сестри.

Од Агенцијата велат дека дел од вработените и пациентите во болницата успеале да избегаат, но дека другите се` уште се наоѓаат во болницата.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ги отфрли повиците за прекин на огнот освен во случај кога би се ослободиле речиси 240 израелски граѓани кои се киднапирани од милитантната палестинска организација Хамас по нејзиниот напад на 7 октомври со што започна војната.

Еден ден откако Нетанјаху најави дека Израел ќе ја вложи целата сила да стави крај на 16-годишното владеење на Хамас во Газа локалните жители сведочат дека започнало силно бомбардирање и гранатирање и околу самата болница Ал-Шифа.

Израел, без да понуди докази, ја обвини Хамас за скришен команден центар во болницата и под неа, што беше негирано и од Хамас и од вработените во Ал-Шифа.

Последниот генератор на болницата останал без гориво во саботата, што резултирало со смрт на три предвремено родени деца и четири други пациенти, соопштија од Министерството за здравство под контрола на Хамас. Оттаму додаваат дека уште 36 други бебиња се во ризик од смрт.

Израелската војска, пак, тврди дека поставиле 300 литри гориво во близина на Ал-Шифа во текот на ноќта за снабдување со енергија на инкубаторите за предвремено родени деца и дека за тоа биле во координација со лекарите од болницата. Сепак, од војската велат дека Хамас спречиле болницата да го прими горивото.

Од почетокот на војната во Газа досега се убиени над 11.000 Палестинци, од кои преку 8.000 жени и деца, и речиси 1.200 Израелци.