Стотици убиени по ракетен напад на болница во Газа

Портпаролот на Министерството за здравство на Газа изјави дека во вчерашен израелски воздушен напад се убиени стотици луѓе во болница во палестинската енклава. Во меѓувреме, Израел тврди дека експлозијата ја предизвикал палестински ракетен бараж, јавува Ројтерс.

Бројот на загинати е убедливо најголем од кој било инцидент во Газа за време на последните случувања, што предизвика протести на окупираниот Западен Брег, Истанбул и Аман.

Министерката за здравство Маи Алкаила го обвини Израел за „масакр“ во болницата Ал-Ахли ал-Араби. Нападот се случи за време на интензивната 11-дневна кампања на израелското бомбардирање во Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека болницата во Газа ја нападнале „варварските терористи“, а не израелската војска.

Портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф Ал-Кудра, утрово изјави дека спасувачките екипи сè уште ги вадат телата од под урнатините. Во првите часови по експлозијата, началникот на цивилната одбрана во Газа изјави дека биле убиени 300 луѓе, додека извори од Министерството за здравство ја наведуваат бројката на 500.

Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари изјави дека ракетите истрелани од палестинската милитантна група Исламски џихад поминале покрај болницата во моментот на нападот, кои според него го погодиле паркингот на објектот.

Друг портпарол, потполковникот Џонатан Конрикус за Си-Ен-Ен изјави дека војската пресретнала разговор во кој милитантите признале дека имало погрешно пукање.

Исламски џихад негираше дека нивни ракети биле вмешани во експлозијата во болницата, велејќи дека во тоа време групата немала никаква активност во или околу градот Газа. Групата, поддржана од Иран, учествуваше во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври и, како и Хамас, истрела бројни ракети кон Израел.