„Оваа зграда зборува (на)вистина“ го отвора овогодинешниот Млад Отворен Театар

Петнаесет врвни театарски продукции, перформанси, концерти, работилници, предавања и дискусии ќе го исполнат репертоарот на овогодинешното четириесет и четврто издание на Млад Отворен Театар 2019 – МОТ.

Во текот на девет вечери, од 13 до 21 септември, на шест сцени во Скопје и Велес публиката ќе може да ужива во уметноста на светски и домашни артисти од областа на театарот.

Фестивалот ќе го отвори проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“, кој беше добитник на најпрестижната награда на овогодинешното Прашко Квардиенале – „Златна Трига“.

Покрај неа, на фестивалот ќе гостува и познатиот режисер Томи Јанежиќ со својата деветчасовна претстава „Сè уште без наслов“. На музичката програма се најавени два концерти, едниот „The Tiger Lillies“, британското кабаре – трио кое беше номирано за Греми. Покрај нив свој настап ќе имаат и култниот Хрватски бенд „Шумски“.

Фестивалот ќе се одвива на повеќе сцени од кои две во МКЦ Скопје, една во Велес во театарот „Јордан Хаџиконстантинов –  Џинот“, потоа во Железинчката зграда во центарот на Скопје, Кино Култура, Национална опера и балет, Театар Комедија и Драмски Театар Скопје.

Продажбата на билети за програмата започнува во четврток, 5ти септември, на билетарата во МКЦ како и онлајн на bileti.mkc.mk.

Цената на билетот за сите претстави до 12 септември ќе чини 200 денари, а од 13 таа ќе биде 300 денари. За претставата во театарот во Велес, организаторот најави дека ќе има организиран превоз од Скопје.