Организации бараат да се поништи владината одлука за доделување средства на организации

Да се поништи одлуката за доделување на финансии за поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со Ковид-19 и да се назначи нова комисија која ќе одлучува повторно на соодветен начин, бараат од Фондација Импакт Нет. Оттаму тврдат дека не се запазени критериумите и постапките за распределба на средствата.

„На ова надополнето, согласно објавената листа на организации кои треба да добијат финансиски средства можеме да  констатираме дека не е запазен критериумот средствата да бидат наменети во градови и места каде кризата со КОВИД-19 е позастапена и проблемот е горлив, а средствата се наменети во места каде не постојат случаи на заразени со КОВИД-19. Не постои рамномерна регионална распределба на финансиите, туку постои концентрација само во неколку општини“, стои во реакцијата на оваа фондација.

Покрај ова, тие сметаат дека дел од активностите и предложените проекти не соодвествуваат со тематиката на конкурсот за справување со кризата.

„Како најбитно не веруваме дека за 549 пристигнати апликации (од кои секоја по 10тина страници најмалку) е посветено соодветно време и стручна одлука имајќи во предвид дека конкурсот беше објавен на 6-ти јуниа траеше до 11-ти јуни до 12 часот. Владата 7-те членовите на комисијата за оценување ги номинира на 13-ти јуниа одлуката за доделување на финансиите е веќе објавена на 15-ти јуни. Ако претпоставиме дека за секоја пристигната апликација секој оценувач одвоил барем 30 минути да ја прочита истата, разгледува соодветно и оцени, за 549 пристигнати апликации би му биле биле потребни вкупно 275 часа или во најмала рака 10тина дена ако во меѓувреме членот на комисијата ниту јадел ниту спиел, а не само ден или два“, се вели во реакцијата.

Сличен став имаат и од Здружението Новинари за човекови права, кои исто така се пријавиле за финансиска помош, но не се дел од листата на невладини кои добија средства. Оттаму, меѓудругото, реагираат што во оценувачите на проектите кои се наменети за справување со пандемијата од Ковид-19 нема оценувачи од Министерството за здравство.

И од Импакт Нет сметаат дека пристигнатите апликации се паушално разгледувани.

„Со тоа повикуваме Одлуката да биде поништена, да биде назначена нова комисија за оценување и на доставените проекти да се посвети соодветно време за разгледување и алокација на средствата кон вистински проекти кои ќе допринесат за справување со пандемијата. Веруваме дека овој пропуст може да се корегира со поништување на одлуката, зашто веруваме дека Вашите заложби се за поддршка на граѓанскиот сектор без никакво фаворизирање, но со стручно и соодветно одлучување“, се вели во нивната реакција.

Вкупно 40 здруженија и фондации добија финансиска поддршка од речиси 500 000 евра ( 29.519.495 денари) од планираните средства во Буџетот за 2020. Со нив, здруженијата и фондациите ќе може да финансираат програмски активности за преземање итни мерки за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19.

40 организации добија речиси 500 000 евра од Владата за мерки за справување со Ковид-19 кризата