Општина Центар регистрираше јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори

Општина Центар вчера го регистрираше трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“.

Преку претпријатието ќе се овозможи олеснување на процедурата за инсталирање на поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти како основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти кои се под надлежност на општината.

„Со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електро-енергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали. Заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе ги искористиме за нови енергетски фасади,
поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните“, вели градоначалникот Герасимовски.

Тој посочи дека претпријатието ќе биде сместено во зградата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар, дополнувајќи дека назначениот директор кој ќе раководи со претпријатието една година, Вангел Андрески, ќе ја врши функцијата без никаков финансиски надоместок.

Од Општина Центар велат дека преку формирање на претпријатието цели да стане првата енергетски независна општина во земјава.