Пловечките соларни панели би можеле да му помогнат на светот да премине кон обновливи извори на енергија

Пловечките соларни панели би можеле да произведат три пати повеќе електрична енергија од целата Европска Унија, покажа ново истражување, јавува Евроњуз.

Соларните панели се еден од најевтините и најефикасни начини за производство на електрична енергија, но тие исто така заземаат многу простор.

Иновативно, некои ги прикачуваат соларните панели на паркинзи, ѓубришта и фарми. Сега, истражувачите ги повикуваат владите да инвестираат во пловечки соларни панели.

Според студијата објавена во списанието „Nature“, покривањето на 30 отсто од површината на 115.000 светски резервоари со соларна енергија може да генерира 9.434 терават часови енергија годишно. Тоа е повеќе од тројно од производството на енергија во ЕУ, кое достигна 2.785,44 терават часови во 2021 година.

За да се постигне нето нула, земјите треба да инвестираат во обновлива енергија.

Според една студија од 2021 година, земјите можеби ќе треба да посветат помеѓу 0.5 и 5 отсто од нивната површина на соларни панели за целосно да се декарбонизираат. Соларните панели може да бидат далеку подобри за планетата од природниот гас – но зафаќаат до околу 70 пати повеќе земја по единица енергија.