Речиси сите куќи во Токио ќе мора да постават соларни панели по април 2025 година

Речиси сите куќи во Токио ќе мора да инсталираат соларни панели по април 2025 година. Регулативата усвоена од локалното собрание на јапонскиот главен град вчера, бара 50 големи градежни фирми за да ги опремат домовите до 2.000 квадратни метри со обновливи извори на енергија, јавува Евроњуз.

Ваквото правило ќе му помогне на градот да премине кон зелена енергија, изјавија градските советници.

„Покрај постоечката глобална климатска криза, се соочуваме со енергетска криза со пролонгираната руско-украинска војна“, рече Рисако Нарикијо, член на локалното собрание.

Токио е најголемиот град во светот, со население од речиси 14 милиони луѓе во централната градска област. Годишно, еден жител на Токио испушта во просек по 8.6 тони јаглероден диоксид.

Токио се надева дека значително ќе ги намали своите емисии на јаглероден диоксид во следните децении. Метрополитенската влада на градот има за цел да ги преполови емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 2000 година.

Но, градот засега заостанува во поглед на обновливите извори на енергија. Само 4% од зградите кои имаат можност, моментално имаат поставено соларни панели. Новото правило ќе помогне да се промени ова.