Над 9 милиони луѓе се евакуираат во Јапонија по удар на супер тајфун

9 милиони луѓе во Јапонија добија наредба за евакуација од нивните домови откако земјата е погодена од еден од најлошите тајфуни регистрирани во историјата.

Супер тајфунот наречен Нанмадол досега однесе еден човечки живот и предизвика повреди на 70 лица. Ветерот достигнал брзини и до 234 километри на час, а според метеоролошката прогноза на дел од зафатените региони ќе наврне и над 400 милиметри дожд во текот на 24 часа.

Невремето вчера го погоди најјужниот остров на Јапонија, Кјуши, а се очекува да помине и низ островот Хоншу во следните неколку дена.

Десетици илјади луѓе изминатава ноќ ја поминале во засолништа за итни ситуации, а речиси 350.000 домови се оставени без струја. Транспортот и стопанството во овој дел од Јапонија е нарушен, а властите се подготвуваат за обилни поплави и свлечишта на земјиште.

Во прекин се наоѓаат брзите возови, авионскиот и поморскиот сообраќај, а затворени се и голем број продавници и трговски центри додека на дел од објектите се поставуваат вреќи со песок за да се заштитат од поплавување.

На дел од видео снимките може да се види како невремето корне кровови од објектите и руши билборди поставени низ урбаните места.

За повеќе од 500.000 луѓе во регионите Кагошима, Мијазаки, Оита, Кумамото и Јамагучи прогласен е 5-ти, највисок степен на опасност според јапонската скала за предупредување од катастрофи. Истовремено, околу 9 милиони луѓе добиле наредба да ги евакуираат деловите на Кјушу, Шикоку и Чугоку, откако таму беше прогласено ниво 4 на скалата за предупредување од катастрофи.