Хонгконг погоден од најголема бура во последниве 140 години

Хонгконг и јужните кинески градови се соочуваат со огромни поплави откако регионот е зафатен со најголемата бура која досега била измерена.

Утрово улиците и метро станиците се поплавени во Хонгконг, а властите наредија затворање на училиштата и работните места низ градот, пренесе Би-Би-Си.

Бирото за метеорологија соопшти дека бурата која започна во четвртокот е најголема досега во Хонгконг во речиси 140 години откако се мерат податоците. Властите издадоа „црн“ сигнал за дождовна бура ноќта во четвртокот, предупредувајќи дека врнежите ќе надминат 70 милиметри на час. Подоцна метеоролозите информираа дека всушност наврнале 158,1 милиметар дожд на час, што е најмногу откако се собираат податоци, од 1884 година.

Властите преземаа повеќе акции за спасување на луѓе, а во јавноста има бројни фотографии на кои се прикажани локалните жители како се движат низ целосно поплавени улици. Денеска властите на Хонгконг соопштија дека најмалку 83 лица завршиле во болница последниве 24 часа поради бурата. Дождот истовремено предизвика и повеќе свлечишта на земјиштето, што блокираше повеќе патишта.

Силниот дожд направи огромни штети и во јужна Кина, каде градот Шенжен, на границата со Хонгконг, информираше дека регистрирале најголеми врнежи откако се мерат овие податоци од 1952 година.

Стотици летови беа одложени во пошироката провинција Гуандонг, додека локалните власти предупредија од можни наноси на вода и повикаа локалното население во местата со пониска надморска висичина да размислуваат за евакуација.

Во крајбрежните места на јужна Кина живеат десетици милиони луѓе во регион кој е густо населен.