1,2 милиони домови во Франција останаа без струја поради силната бура Сиаран

Ветришта од 180 километри на час го погодија атлантскиот брег на Франција во текот на ноќва откако бурата Сиаран беснее низ државите од Западна Европа корнејќи дрвја и прозори и оставија 1,2 милиони француски домови без струја.

Во земјата веќе е потврдена една жртва од невремето. Загинал возач на камион откако неговото возило било удрено од дрво во северниот регион Есне.

Речиси на сите брегови на Франција утрово беше прогласена опасност од силното невреме. Француската метеоролошка служба информираше дека на брегот од Бретања дувал ветер со брзина од 180 километри на час, додека на крајбрежјето на Нормандија биле регистрирани брзини од 160 километри на час. На северот на земјата се очекуваат бранови од речиси 10 метри да го погодат францускиот брег.

Железничкиот сообраќај е откажан низ поголемиот дел од Западна Франција, додека сите патишта утрово беа затворени за сообраќај во регионите Бретања и Финистер. Министерот за транспорт Клемен Бун повика граѓаните да избегнат да возат автомобили, или пак да бидат исклучително претпазливи доколку се движат низ делови од земјата каде има предупредувања од невремето.

Поради бурата без струја останале околу 1,2 милиони домаќинства низ земјата, соопштија од електричниот дистрибутер Енедис. Во оваа бројка се вклучени речиси половина од сите домови во Бретања. Од компанијата најавија дека ќе ангажираат 3.000 работници со цел да се врати струјата во најбрзо време.

Силниот дожд поврзан со бурата предизвика подигање на готовноста од поплави во Велика Британија, додека холандската авиокомпанија КЛМ ги откажа сите лекови денеска со образложение дека во земјата се очекуваат големи брзини на ветерот.