Општина Бутел ги повика граѓаните да донираат компјутери за ученици без услови да следат онлајн настава

Општина Бутел преку социјалните мрежи ги повикаа граѓани да донираат свои стари, но функционални компјутери кои би биле подарени на општинските основни училишта.

„Со почетокот на изведбата на онлајн наставата за учениците, која отпочна како последица од затворање на училиштата од пандемијата со коронавирусот, увидовме дека многу семејства немаат дома компјутер за своето дете ученик.‍‍  Од таа причина, доколку секој од вас има персонални комјутери кои не ги користите или на кои кои им е потребна поправка, или дополнителна инсталација (куќиште, монитор, тастаура, приклучоци и маус) да ги донирате во Општина Бутел“, стои во повикот.

Оттаму информираат дека тие ќе се погрижат технички да ги оспособат донираните комјутери, кои подоцна директорите на општинските основни училишта ќе ги поделат меѓу семејствата кои поднеле барање бидејќи не се во можност да ја следат наставата.

„Доколку сите и единствено се вклучиме во акцијата ќе успееме да донираме компјутер за секој ученик од социјално загрозено семејство, каде има деца ученици од различни возрасни групи, а треба да следат електронска настава за различен степен на образование“, повикуваат од Општината.