Онлајн промоција на електронското книжевно списание „(е)Лит“

Во организација на „Креативна верига“ – здружение за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности, вечерва во 19 часот ќе се одржи онлајн промоцијата на првиот број на електронското книжевно списание „(е)Лит“.

Промотори на списанието ќе бидат Марина Икономова Шокева, Јордан Коцевски и Мерсиха Исмајловска. Списанието ќе биде објавено денес,  на шести февруари, како симболично одбележување на 128 години од смртта на Григор Прличев.

Во списанието ќе може да се прочитаат раскази, песни, стрипови, но и интервјуа и статии од доменот на книжевноста и уметноста.

Здружението „Креативна верига“ се стреми кон распространување на квалитетни литературни и уметнички содржини на целата територија на Р. С. Македонија и создавање можности за млади автори и уметници.

Здружението работи на подобрување на квалитетот, афирмирање, поттикнување и развој на литературата, стрипот и останатите уметности во Р.С. Македонија. преку реализирање различни активности и проекти предвидени со неговата програма.

Оттаму велат дека целите на Здружението се подигнување на нивото на дефицитарно застапените литературни форми и жанрови во државата, како што се стрипот, фантазијата, научната фантастика и хоророт, создавање на можности за млади автори преку нивно пронаоѓање, промовирање и афирмирање, продлабочување на интеракцијата и соработката помеѓу уметниците од различни сфери на уметноста, посебно помеѓу литературата и стрипот, како и континуирана едукација на членството и работа со деца и ученици за градење на навики за читање од најрана возраст и свест за значењето на литературата во развојот на единката.