„Омеѓени приказ(н)и“ изложба на цртежи од Тони Васиќ во вторник

„Омеѓени приказ(н)и“ е насловена изложбата на цртежи од Тони Васиќ која ќе се отвори во вторник (19 септември) од 20 часот во Културно-информативниот центар Скопје (КИЦ).

Изложбата е составена од 17 цртежи, во големина 70 на 100 центиметри, односно избор од серијата од 20-тина цртежи инспирирани од мотивот глуварче. Цртежите се работени на бела хартија, со туш и перце, во време на карантинот предизвикан од пандемијата со коронавирусот, односно од 13 март 2020 до 13 септември 2021.

„Првата асоцијација за изолацијата е осамата, тишината, медитацијата, аскетизмот. Таа е ослободување од вишокот комуникација со другите и од информацискиот стрес. Таа е пат кон себе. Таа е свртување на фокусот од феномените кон суштината: од агресивниот колорит кон белината, онаа девствена белина кое не ужаснува, туку копнее по допирот со дискретните нијанси на отсјајот на Сонцето, оној флеш на окото и на објективот, оној проблесок на имагинацијата, онаа состојба на хармонија.
„Сѐ бело на цртежите е белината на хартијата“, ми рече авторот Тони Васиќ. Си помислив, едноставно, минималистички, ама после ги разгледав цртежите и видов дека токму белината што би ја замислиле како празно место, остаток или маргина околу средишниот мотив на цртежот, всушност го претставува средишниот мотив – глуварчето. Сите глуварчиња се нацртани, насликани, „направени“ од белината на хартијата. Тие се истовремено и умешност на инверзијата, и пофалба на имагинацијата, и ода на радоста. Белото глуварче ја чува својата белина како знак на препознатливост. Белото е позајмено од хартијата, формата е дело на врвен мајстор, нијансите се показ на еден суптилен менталитет, цртежот како целина е приказна која е шепотена тивко, но страстно. Белото е како заштитена ликовна зона на цртежот. Белото е центарот на цртежот, неговиот внатрешен свет, неговиот ликовен ерос“, вели Катица Ќулавкова за изложбата.

„А ерос има во цртежите на Васиќ. Ако еросот е врховен копнеж по телесноста, тогаш тоа е изворниот копнеж на глуварката, да биде телесна, да биде во просторот и времето макар кратко, кревко, менливо, минливо, ама да биде. И додека постои, глуварката е шармантна до болка, но и податлива за игра, егзотична игра на облиците. Глуварката е самата кореограф на својот танц, како што и Цртачот на глуварките е специјален кореограф“, додава Ќулавкова.

Изложбата ќе биде отворена до 3 октомври.

Тони Васиќ е роден во 1966 година во Скопје. Дипломирал на Факултет за ликовни уметности на УКИМ во 1991 година, па магистрирал графика во 2002 година, а докторирал на Институтот за културолошки студии – Универзитет Евро-Балкан во 2016 година. Васиќ во периодот од 1988 до 2023 учествувал на повеќе од 500 национални и меѓународни групни изложби во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Унгарија, Јапонија, Кореа, БиХ, Франција, Германија, Белгија, Полска, Романија, Хландија, Литванија и др. Добитник на 13 награди за уметност и дизајн. Работи како професор на Факултетот за архитектура и дизајн на Уноверзитетот Американ колеџ Скопје. Член на ДЛУМ од 1991 година.