Омаж за Каталин Ладик и претставата „Слугинки“ вечерва на МОТ

Претставата „Слугинки“ во продукција на Турскиот театар во Скопје вечерва ќе биде изведена во рамки на третиот ден од програмата на 48. издание на фестивалот Млад отворен театар (МОТ) публиката.

„Бунтот и крикот на младата генерација, која се соочува со низа проблеми и конфликти меѓу луѓето во време кога светскиот капитал е репер за моќ е основната движечка сила на ‘Слугинки’. Текстот на Жан Жане преку апсурдот го демонстрира самоволието на класните ознаки и вистинската борба на класната нееднаквост“, се вели во описот.

Претставата е во режија на Сибел Абдиу, а играат Селпин Керим, Џенап Самет, Дин Ибрахим.

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20 часот ќе изведе перформансот „У.Ф.О. – Омаж за унгарско-српската поетеса и изведувачка Каталин Ладик“ во авторство, режија и изведба на Ирена З. Томажин, Јуле Флирл.

„Во нивната прва соработка, германската танцова и вокална уметница Јуле Флирл и словенечката кореографка и вокалистка Ирена З. Томажин го слават заедничкиот интерес за уметничката позиција на Каталин Ладик: омаж што ги замаглува границите помеѓу поезијата, актерството и експерименталната работа со гласот, истовремено продолжувајќи го истражувањето на двете уметници во областа на физичкото искуство на јазикот и артикулацијата на различни слоеви на гласот“, пишува во најавата.

У.Ф.О. Омаж за Каталин Ладик

Денес од 17 часот во просториите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ќе се одржи и разговор со театарскиот продуцент Душан Пернат.

„Пернат е театарскиот продуцент и организатор кој повеќе од четири децении работи како менаџер за меѓународни турнеи во ‘Словененско младинско гледалишче’. Со повеќе од шестотини турнеи во повеќе од триесет земји, во кои беа поставени повеќе од
осумдесет претстави, тој значително го оформи меѓународниот идентитет на ‘Младинско’ и го стави словенечкото театарско творештво на меѓународната мапа“, велат од МКЦ.

Разговорот ќе го води Тања Дешко, театарски продуцент, управител на АРТАКТУМ, поранешен раководител на меѓународниот департмент во московскиот театар „Мастерскаја Пјотр Фоменко“.