Охрид СОС: Нова година, стари навики за крабрежјето на Охридското Езеро

Додека во официјалните изјави и документи глумат кооперативност со УНЕСКО и исполнување на препораките дадени уште пред седум години, на дело институциите го покажуваат токму спротивното. Лагите и лицемерието лесно можат да се воочат на многу локации. Спроведувајќи ја тактиката „едно зборви, друго прај“, Општина Охрид реши повторно да му удоволи на приватниот интерес, наместо на јавниот, реагираат од граѓанската иницијатива Охрид СОС, кои објавија и низа фотографии.

Според иницијативата, очигледно било дека оставените парапетчиња и метални конструкции долж крајбрежјето, нецелосно отстранети во оние медиумски предимензионирани „акции“, чекаат некој подобен градоначалник и администрација кои ќе овозможат повторно некој да го узурпира крајбрежјето и од тоа да прави профит.

„Споделуваме само една локација, каде во рок од неколку месеци се направени трансформации на теренот, па наместо да се урне изѕиданата бетонска бариера и плажата да се врати во претходна состојба, се случува спротивното. Деновиве парапетчето е довршено и оградениот дел од езерото почнува да се полни со камен“, потенцираат од Охрид СОС.

Од таму посочуваат дека пред неколку месеци доставиле претставка до општинскиот инспекторат, во врска со промените воочени на локацијата.

„Имено, пред почетокот на летната сезона состојбата беше како на првите две фотографии споделени во објавата. Потоа, почна депонирањето камен, песок и чакал во езерото, прикажано на следните две фотографии. На средината на месец септември добивме одговор од инспекторатот дека „новонастанатата состојба во летниот период е евидентирана, кога ќе има создадено услови ќе се продолжи со отстранување на урбаната опрема“. Наместо отстранување, деновиве гледаме дека продолжува узурпирањето на брегот односно интервенциите во езерото, видливи на последните две фотографии“, забележува Охрид СОС.

Иницијативата нагласува дека повторно ќе реагираат до надлежните институции да се запре со овие, како што велат, инвазивни активности.

„Да видиме како и дали ќе реагираат, дали ќе се стават на страна на јавниот интерес или повторно ќе одолговлекуваат и ќе овозможат некому да го узурпира јавниот простор за сопствени цели, без да сноси какви било последици или санкции“, се вели реакцијата.

Фото: Охрид СОС