Охрид СОС: Охрид нема да биде зелен

Нацрт Стратегија за развој на зеленило (2023 -2032) подготвена од Општина Охрид е уште еден супстандарден документ кој е наменет само за штиклирање на листата задачи, а не за реално спроведување. Поточно, дури и овој документ да биде спроведен, Охрид нема да има зеленило, велат од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Според иницијативата, „таканаречената стратегија е фалична од почеток до крај“, аргументирајќи го ваквото тврдење преку повеќе точки – забелешки.

„Прво, озработена е исклучиво од антропоцентричен аспект како зеленило за човекот и за никој друг, а дури и тоа е фалично. Второ, освен 10 видови дрвjа, во неа не се спомнува НИТУ еден животински вид, нема ниту еден инсект, ниту една птица! Трето, не се прави никаква разлика помеѓу староста на дрвjата, секое едно дрво е само бројка. Четврто, не се прави разлика меѓу видовите дрвjа (пр. чинар или од украсните долж Амамот кои никогаш нема да развијат крошна)“, велат од иницијативата.

Како петто, дополнуваат еко-активистите, дрвјата не се третираат од аспект на нивните екосистемски услуги: прочистување на воздухот; апсорпција на звук; секвестрација на јаглерод; заштита од поплави; поддршка на биодиверзитетот и автохтони видови. И во тој контекст анализа на нивната отпорност на суша, бури, пожар, хранливи материи; урбана отпорност; алергиска стимулација итн.

„Шесто, климатските ризици воопшто не се земени во вид. Седмо, ниту блатните екосистеми, ревитализација на загубеното зеленило, унапредување на живеалиштата во Мазија, Билјанини извори, брегот на реките и на Студенчишко Блато. Осмо, отсуствуваат стратешки чекори – нема анализа на состојбата на зеленилото, и освен наведени (без образложение за избор) локации, нема никаква стратегија за тоа како избраните локации ќе бидат озеленети или унапредени. Деветто, се планираат зафати кои воопшто не се анализирало дали се потребни и изводливи, дали се економски исплатливи (како на пр. зелени ѕидови). Десетто, спротивно на постоечките стратешки документи (Национална стратегија за биолошка разновидност, ЛЕАП) и препораките на УНЕСКО, се планира садење неавтохтони видови од кои еден е на листата на стоте најинвазивни, неавтохтони видови во Европа! Единаесетто, акцискиот план изгледа како позајмен шаблон кој изработувачите заборавиле да го пополнат. (Ве обзема срам додека го разгледувате)“, стои во реакцијата на Охрид СОС.

Од таму потенцираат дека акцискиот план по дефиниција има мерки, активности, индикатори кои треба да покажат дали и во колкава мера целите се исполнети, рокови, буџет. Но, во овој на Општина Охрид, велат еко-активистите, во ставката ‘индикатори’, постојано се повторуваат: Намалено загадување; намален број на заболувања; зголемен процент зелени површини; зголемена јавна свест.

„Ова не се индикатори, туку листа желби. Ниту се знае преку кои индикатори ќе се мерат, ниту има определена посакувана состојба за дадени временски периоди во текот на десетте години за кои стратегијата се однесува, за колкав процент, кој вид зелена површина треба да се зголеми. Со вакви ‘индикатори’ реализацијата не може да се следи, ниту пак да се знае дали е таа успешна“, забележуваат од Охрид СОС.

Под точката дванаесет, тие потенцираат дека стратегијата нема буџетски ставки, ниту се знае колку ќе чини секоја активности, ниту од каде ќе се обезбедат средства.

„Тринаесетто, нема ни распределба на одговорности т.е. кој ќе подлежи на одговорност за неспроведување, потфрлање во спроведување на мерките. Четиринаесетто, најзасрамувачки аспект на овој документ е фактот што голем дел од текстот е плагијат – од збор-до збор сечи/лепи од веб-страници, некои дури комерцијални, кој ниту се анализирал, ниту се ставил во локален контекст. Така, документот не добил содржина на стратегија за зеленилото на Охрид, туку станал збирштина на општи написи со полупразен акциски план. Кој тоа во Општина Охрид му ја крои (реално сече) иднината на зеленилото?!“, прашуваат еко-активистите.

На крајот, како забелешка велат дека на 27 октомври 2023 Охрид СОС поднела коментари кон овој документ.

„Се надеваме дека овој пат Општина Охрид нема да се крие зад мистериите на интернетот т.е. дека не добила коментари од Охрид СОС. Прием не потврдија. Меѓутоа, очекуваме сите наши коментари и сугестии да бидат земени во вид и вградени во следната верзија доколку навистина сакаат да го раззеленат Охрид“, стои во реакцијата.