Охрид СОС алармира за истекување на заматена вода на крајбрежјето – службите велат дека работат на терен

Граѓанската иницијатива Охрид СОС алармира дека на крајбрежјето на Охридското Езеро помеѓу Лагадин и Пештани од цевка истекува заматена вода и дека се шири непријатна миризба. Оттаму велат дека реагирале и до Јавното претпријатие „Колекторски систем“ со цел веднаш да се санира проблемот и да се запре излевањето на фекални води во езерото.

„Неодамна, пред Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, министерката Ирена Стефоска изјави дека ‘завршена е првата фаза од санацијата на системот за управување со отпадните води’, но на терен денес беше регистрирана поинаква ситуација“, стои во реакцијата на Охрид СОС.

Директорот на „Колекторски систем“, Владимир Алексијевски во изјава за Радио МОФ потврди дека добиле пријава и дека  постои проблем на потегот помеѓу Лагадин и Елешец, но посочи дека екипите на претпријатието заедно со фирмата Еко-теам се на терен веќе од пред два дена и го чистат цевководот.

Како што објаснува тој, излевањето било многу малку, посочувајќи дека пред два дена на една шахта кај плажата Атлантис воочиле дека некој на диво се приклучил на системот и дека не бил убаво сработен приклучокот, односно била оставена дупка.

„И езерските води, нажалост, на времето како што ги поставиле шахтите, си ја полнеа шахтата, уствари го полнеа цевководот наш. Ми се јави завчера некој дечко, излеговме одма и ви кажав што најдовме. Ја саниравме таа, дел од шахтата да речам, каде што на диво беше приклучен, некој од местото, има некоја викендичка на пат, претпоставуваме дека е од кај него, затоа што накнадно ќе има санкции спрема него“, додава Алексијевски.

Истовремено тој додаде дека само денеска биле извадени влажни марамици колку половина камион од 14 кубици од една шахта која прави проблем.

Покрај проблемот со влажните марамици за кој посочи дека е последното место што треба да бидат во секундарната канализација, а од таму и во цевководот, рече дека таму има и премногу песок. Тимот, како што посочи останува тука за утре од сабајле повторно да се вклучи.

Тој истакна дека очекува уште денеска да се намали количеството на фекалии во цевкодовот.

М.К.