„Охрид СОС“ преку отворено писмо бара итно спречување на загадувањето на Охридското Езеро кај Мазија

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ преку отворено писмо до градоначалникот и надлежните институции објавено на Фејсбук бара итно спречување на, како што велат, загадувањето на Охридското Езеро кај Мазија.

Тие велат дека во близина на мостот на каналот Студенчишта, кај трските на брегот на езерото кој своевремено го користел едриличарски клуб, забележале дека повторно се излеваат отпадни води директно во езерото.

„Кога во 2020 г. нè контактираа од ЈП „Билјанини извори“, претходната директорка ни посочи за овој проблем, но тогаш местото беше обраснато и овој дел не се гледаше добро. Во јули 2020 г. стапивме во контакт и со директорот на ЈП „Колекторски систем“, кој нè информираше дека се работи за канализациска цевка која оди сè до комплексот згради Бејбунар и не е поврзана со поширокиот систем за отстранување на отпадните води. Исто така, не е исклучена и можноста за диви приклучоци кон истата. Од негова страна постоеше согласност и желба да се реши овој проблем.

Но досега, по сè изгледа, ништо не мрднало од место. Водата која истекува од цевката е матна, со зелено-кафеава боја, а се чувствува и непријатна миризба. Не така одамна, од овој дел кај трската беше извлечена огромна количина мил и талог, кој сигурно се пластел со години, или децении. Според урбанистичките планови за Студенчишта, под улицата „АСНОМ“ оди „магистрален армиранобетонски канал 1500/800мм“ кој се користел за атмосферски води и кој веројатно завршува токму на ова место. Од отпадните води, со сигурност може да се каже дека не се работи само за атмосферска вода, а денот кога видео снимките беа направени, како и деновите пред тоа, немаше врнежи од дожд или снег. Студенчишкиот канал кој е само десетина метри од овој испуст кој го евидентиравме, е едно од најзагадените точки на охридското крајбрежје.

Повеќе од очигледно е дека на дадената локација, се случува континуирано директно загадување на водите на Охридското Езеро во непозната количина и тоа во жариштето на биолошка разновидност – Мазија. Оваа локација воедно е и единствена во урбаните средини на целото крајбрежје на Охридското Езеро со задоволителна крајбрежна функционалност, која во сите други е загубена.

Во 21 век, во пределот на Студенчишта и Билјанини извори, во срцето на исклучително важно место за биолошката разновидност, да се соочуваме со мистериозни одводни канали е непримерно. Недостатокот на комуникација, координација и совесно управување од страна на надлежните, Регионот го донесе дефакто на листата на Светско наследство во опасност. Охридското Езеро веќе покажува алармантни знаци на еутрофикација и секое неделување во насока на сузбивање на изворите на загадување е неприфатливо.

Поради тоа, бараме итна и одлучна акција и тоа:

Бараме инспекцијата веднаш да излезе на терен, да се земат мостри и да се утврди колкаво е загадувањето и предизвиканата штета.
Бараме градоначалникот Пецаков да иницира итна средба со релевантните субјекти назначени во овој допис за утврдување на причината на проблемот и преземање итни мерки за запирање на загадувањето на езерото кај Мазија.
Бараме да се направи акциски план со зададeна временска рамка.
Бараме транспарентност за сите одлуки, мерки и преземени активности, за што Општина Охрид редовно ќе ја информира јавноста“, стои во писмото на „Охрид СОС“.