Наместо само лежење на плажа, на Охрид му треба и одржлив туризам ако сака да лежи под УНЕСКО

„Ние сме затрупани во пластика, ѓубре, градежен шут, фекалии и хемикалии“, објави неодамна Никола Паскали од нуркачкиот центар „Акватек“ после фаќање нов „плен“ од Охридско Езеро.

Паскали е нуркач и подводен археолог. Тој е и активист што постојано алармира дека на дното на езерото понекогаш наоѓа и цела покуќнина, кади и бојлери. Преку Фејсбук споделува и за ѓубрето и хаосот што се случува на плажите на најголемиот природен басен во земјата, најстар во Европа, чиј статус на УНЕСКО „виси“ поради континуирана негрижа, неорганизираност, но и несоодветните туристички пракси.

„Нас ни треба алтернативен и културен туризам, кој пред се’ ќе биде одржлив. Се’ друго е импровизација. А, сега, туристите немаат каде да одат во тоалет. Тркнете на било која плажа, паралелно качете се горе во шумичката, ќе видите и таму влажни марамчиња, пелени, ѓубре, цели депонии. Нема инфраструктура. Не дај боже да ти се слоши – немаш болница! Ние со децата одиме во Струга“, посочува Паскали.

Според него, сето ова е поврзано со туризмот и ќе станува се’ полошо.

„Ние нема потреба да правиме плажи со лежалки и гласна музика, туку соодветна инфраструктура по високи стандарди во соработка со биолози, архитекти, еколози… Се’ на ниво. Не со импровизации, не со парапетчиња околу езерото ‘за да не бега песокот’. Срамота е со такви филмови. Сега што правиме е страшно“, загрижен е Паскали.

Во Струга, менаџерот на „ScoutCamp“ Никола Кукунеш зборува за потребата од проширување на туристичката понуда, она што и самите го нудат како велосипедизам, планинарење или кајак.

„Тоа што кај нас се’ уште важи за некаква практика – доаѓаш на одмор, добиваш соба, лежиш по цел ден, или си на плажа, тоа е концепт што се напушта во светски рамки. Нашите сограѓани, кога заминуваат на патување во странство, од туристичките агенции добиваат различни туристички аранжмани од овие локалните. А, ние сме заглавени во некоја временска капсула пред 40-ина години. Има поединци што пробувавме тоа да го менуваме, но треба да биде на ниво на стратегија, локална и национална“, посочува Кукунеш.

И од Охрид SOS поентираат – веќе постојат поединци и групи кои соработуваат со мали производители на храна. Има и тури низ руралните средини, посета на изворни занаети, постои гранка на глобалното ‘Slow Food’ движење. Исто така, се нудат веслачки тури, пешачење низ природа, едрење, постојат и настани и работилници за концептот „не оставај трага“ (leave no trace).

„Но, сето тоа се изведува од ентузијасти, со намера да се растерети притисокот врз градот и непосредната околина и да се намалат ефектите на масовниот туризам и конзумеризмот“, коментираат од Охрид ЅОS.

Љубомир Нетков од „Zero Gravity“, кои нудат параглајдинг од Галичица и Јабланица, се осврнува на проблемите со кои се соочуваат при организирање ваков активен туризам. Нетков работи 12 години со групата, а притоа, нема година на некој начин надлежните да не им прават „сопка“.

„Тука правиме муабет за државата, за НП ‘Галичица’ кој е под државата, правиме муабет и за општината. Полетувањето и слетувањето, како некој активен туризам, важно е да биде над градот, да биде интересно за луѓето што летаат параглајдинг во тандем. Да биде глетката над планина, вода и потоа градот. Но, ако го земеме пример Националниот парк, ем немаат доволно развиено инфраструктура, друго – уништувавме возила нагоре. После договаравме да се среди стартот на летот, но, нема шанси – ние сами си го правиме. А, долу од година в година ни ги затвораат местата за слетување“, забележува Нетков.

Пример дава за делот кон „Куба Либре“, каде имаше полјана, мал дел, но годинава тој дел е изменет, урбанизиран.

„Таму преку ден доаѓаа деца да играат фудбал, ние си слетувавме, луѓе си лежеа, рано на сабајле имаше часови по јога, одвреме-навреме и кампери. Значи, на некој начин, местото функционираше и сите што доаѓаа го чистеа. Сега е изменето“, вели Нетков.

Рокови и обврски кон одржливиот туризам

Ако се погледне Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план за 2020 – 2029 година, една од заканите е идентификуван токму „неодржливиот туризам“.

Па така, освен воспоставување културен и алтернативен туризам, Планот бара да се спречи и крајбрежната трансформација. Притоа, да се изработи Урбанистички план од државно значење за првата заштитна зона, а претходно да биде донесен нов Закон за урбанистичко планирање, за да бидат нанесени границите на заштитните зони на катастарски план и да се изработат ажурирани геодетски подлоги. Како оптимален датум за Урбанистичкиот план беше даден крајот на 2021, а за урбанистичките документации – до истек на 2022.

„Како и за скоро сè друго, така и за овој сегмент се доцни. Па, иако се предвидени едни рокови, тие се пробиени и веќе сме на почетокот на април 2023 година, а реално нема Урбанистички план од државно значење за првата заштитна зона“, велат од Охрид SOS.

Единствени информации кои тие ги имаат се оние од извештајот кој на почетокот на февруари Министерството за култура го достави до УНЕСКО.

„На страница 6 од тој документ е наведено дека Агенцијата за катастар на недвижности изработила ажурирана геодетска подлога за Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас во Охридскиот регион и истата е доставена до Агенцијата за планирање на просторот за понатамошно постапување за потребите за изработка на Урбанистичкиот план“, посочуваат од Охрид SOS.

Според Годишната програма за финансирање изработка на урбанистички планови за 2022 година, Агенцијата „започнала изработка на Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона“.

Од друга страна, Охрид SOS нагласува дека на брегот на Охридското Езеро во Општина Струга на повеќе локации забрзано се гради, се одзема дел од брегот и се бетонира.

„Не се отстранети времените објекти на брегот нити во охридскиот нити во струшкиот дел, а во меѓувреме се легализираат објекти во кампот ‘Андон Дуков’ без да се спроведе стручна оцена за влијанието врз животната средина, онака како што требаше, туку само според одредени мислења на МЖСПП се оди на легализирање. Крајбрежната трансформација не само што не се спречува, туку таа продолжува, на повеќе места“, забележуваат од Охрид SOS.

архивска фотографија: Општина Охрид

Освен што плажите треба да бидат контролирани од редовни инспекции, друг аспект е и примена на т.н. конзерваторскиот режим за заштитените зони. Односно, до донесување на новите детални-урбанистички планови, Планот за управување бара изградбата на објекти да се врши врз основа на заштитно-конзерваторски услуги.

Тие ги издава Управата за заштита на културно наследство, а ги изготвува НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.

„Се издаваат и кога е донесен ДУП, но во него не се вградени заштитно-конзерваторски основи. Издавањето на конзерваторско одобрение е одредба од Законот за заштита на културното наследство (член 87) каде се пропишани условите за конзерваторското одобрение за вршење непосредна заштита на културното наследство“, велат од Управата, додавајќи дека секојдневно работат на издавање, или на неиздавање конзерваторски одобренија.

„Имено, конзерваторските одобренија се издаваат за спроведување на мерки на непосредна заштита на недвижно (споменици, споменички целини) и движно културно наследство“, посочуваат од таму.

Во однос на прашањето дали изминативе години беше формирана стручна комисија основана од Управата за да дава мислења, предвиденa вo Планот за управување, тие одговараат дека ниту еден проект не може да добие одобрение без позитивна стручна контрола.

Не посочуваат конкретна бројка за вака издадени одобренија, туку велат „бројот е голем“.

фото: Радио МОФ

Во 2020 година беше предвиден и План за управување со посетители. Најдоцна да се направи до крај на 2021, како и сообраќајни студии со цел растоварување од масовни движења и сообраќајна гужва. Но, на Охрид SOS не им познато дали некои од овие документи е изработен, или барем е јавно достапен.

„Тука се и обврските за утврдувањето на носечкиот капацитет на Охридско Езеро и на Националниот парк ‘Галичица’ и за изворите во Св. Наум посебно. Колку што знаеме, ‘Галичица’ работи на случајот, а за Охридско Езеро даден е рок од нови 1 до 2 години. Тие требаше да бидат изработени до почетокот на 2020 година. Значи единствено нешто на кое се работи е, во најдобар случај продуцирање документи, а најчесто одлагање на било каква активност во насока на намалување на притосокот од туризмот, додека гледаме како се нудат субвенции за авиопревозници, се планира нов терминал на охридскиот аеродром и регионот нашироко се промовира за претстојната сезона, по старите практики на масовниот туризам“, реагираат од Охрид SOS.

Стратегиско (не)планирање

Стратегија за туризам е уште една од низата обврски, но е болна тема кога се зборува за одржливиот развој, забележува Александар Донев, консултант за одржлив туризам, кој е и основач на „Mustseedonia“ и ко-основач на „Balkan Green“.

Тој се осврнува на туризмот од холистички аспект. Не како сектор сам по себе, туку зависен и од животната средина, од култура, од патиштата, економски развој, од рурални средини… Како еден сублимат од разни работи во една држава.

„За да се развива од таков аспект, за да има успех, освен пристапот ‘од долу нагоре’, потребен е и ‘горе надолу’. Но, практично и да не постои тој пристап, за да стигне од институциите до бизнисот. Ние практично немаме институции кои вистински, реално третираат одржлив туризам. Лоша е поставеноста на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и секторот во Министерството за економија. Ова го кажувам бидејќи бев таму (во Агенцијата) знам како функционира одвнатре. Немаме стратегија за одржлив туризам. Или имаме слаби документи, неинклузивни и нетранспаретни, без учество на локалната заедница, бизнис секторот, невладини, експерти. И донаторите со кои работиме имаат проблем, бидејќи како држава не сме одредиле што точно ќе развиваме за 5-10-20 години“, подвлекува тој.

Ако конкретно зборуваме за Охрид како дестинација, посочува Донев, апсолутно низ призма на УНЕСКО треба да се третира туризмот, бидејќи само 38 дестинации во светот имаат дупло препознавање – културно и природно наследство.

„Ние имаме една од 38-те најуникатни дестинации во светот! Меѓутоа, ние Охрид апсолутно не го третираме како туристичка дестинација, а уште помалку како дестинација што ќе ја заштитиме. Немаме стратегија за Охрид, а треба да развиваме туризам кој ќе привлече и друг вид туристи спремни да платат, кои според истражувања 70-75% од нивните пари би останувале во локалната заедница. Плус, системот за субвенции 15 години не е сменет“, нагласува тој.

За него е несомнена потребата од дисперзија на таа „затка“ сред лето, само тримесечнa туристичка понуда. Треба да се стимулира и руралниот и активен туризам. И во февруари-март, и за оние што би дошле после летото.

„Имаме природно богатство, биолошка разновидност, имаме историја и култура. Нема странец што нема да даде пари за пита од нашите баби, кои ја прават на рака, а туристите ја јадат горе на планина. Наместо туристите да го уживаат статусот на УНЕСКО, наместо да го третираме со најголема почит и искористиме за одговорно развивање на локалната заедница, ние тоа го фрламе во вода за заработки на групи и поединци, на цена на просперитет на цела една дестинација како Охрид“, констатира Донев.

Дека нема стратегија се согласува и Никола Паскали од „Акватек“. Иако работи со нуркање и туризам, ако вака продолжи работата за 10 години нема да може да ја тера дејноста.

„Ама, тоа не го гледа некој од канцеларија од Скопје, или некој што не излегува на терен. Тие мислат е супер!  Еве, колектор сега ќе направиме и езерото ‘ќе се препороди’. Нема стратегија, нема план. Пример, доаѓаат искусни нуркачи и бараат да нуркаат на Трпејца на 20 јули. Како ќе одат до Трпејца, како ќе успеат да се паркираат, растоварат опрема, да изнуркаат и се вратат назад?! Само одењето и враќањето е четири саати со нашиот сообраќај. А, иднината е одржливиот туризам, ама државата да застане со стратегија“, вели тој.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, исто како и Општина Охрид, не ни одговорија на нашите прашања за одговорностите кон УНЕСКО, дали е изработена и имплементирана стратегија за одржлив туризам.

фото: „Чист Охрид“

Претходно општинарите во 2021 година се пофалија дека е направена Стратегија за развој на туризмот во општина Охрид (2020-2025), меѓутоа, невладините укажуваат и на  потребата од Оцена на влијанието врз животната средина на овој плански документ, кој е заглавен во одредена фаза.

„Веќе сме април 2023 година, поминал половина од периодот на кој требаше да се однесува таа стратегија. Претходната нацрт-стратегија заврши неславно, откако само нашата иницијатива достави десетици коментари и забелешки, во процесот на учество на јавноста, за да после краток период тој документ целосно се повлече“, посочуваат од Охрид SOS.

Демографските податоци во оваа нова нацрт-стратегија се стари, велат тие, а неточни или нерелевантни податоци не може да се основа за каква било развојна стратегија која може успешно да се спроведе и да даде резултати.

„Нашиот предлог е напорите да се насочат кон неколку приоритетни стожерни процеси (особено клучните приоритети од препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО), да се вложат сите напори во нивна доследна реализација, а потоа да се премине во следна фаза на посложено планирање“, нагласуваат од Охрид SOS, дополнувајќи дека недостасува и интегрална Стратегија за развој на туризмот за цел Охриски регион.

До каде воопшто стигна работата со УНЕСКО?

Ако се гледа пошироката слика, Македонија во 2021 година „за влакно“ ја избегна опасноста, Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО. На 44. седница, неколку држави побараа да добиеме уште една шанса да ги исполниме условите.

На стартот од февруари Министерството за култура го испрати последниот Извештај до УНЕСКО. Сега, се чека тој да биде разгледуван на сесијата во септември, кога постои можност регионот да биде прогласен за светско наследство во опасност.

„Сочувувањето на светското наследство бара интердисциплинарен и комплексен пристап и ангажман на сите засегнати страни во процесот во кој се вкрстуваат повеќе аспекти на социјалното живеење и низа активности –  конзервација и реставрација, ревитализација, како и просторно и урбанистичко планирање и развој, култура, образование, наука и истражување, животна средина, одржлив туризам и економија“, потенцираат од Министерството за култура за Радио МОФ.

Во таа насока, оттаму ги посочуваат Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца како клучни во координирање на надлежните органи и институции во земјава.

„Активностите кои се преземаат од Владата се во насока на создавање услови за исполнување на препораките на мисиите и на другите тела на УНЕСКО. Во тој контекст иако процесите на управувањето со доброто се исклучително комплексни, се вложуваат максимални напори да се реализират активности насочени кон спречување на најголемите закани по интегритетот и автентичноста на регионот. Како институции работиме посветено на исполнување на препораките и заедно со невладиниот сектор се обидуваме да го задржиме статусот, за чии финален став одлучува Комитетот за светско наследство, по согледувањата што ги добива од извештаите на советодавните тела“, велат од Министерството.

Бојан Шашевски и Мартин Колоски

Со оваа сторија Радио МОФ се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.