Oфицијална премиера на филмот „Кога денот немаше име“

Oфицијалната премиера на филмот „Кога денот немаше име“ на македонската режисерка Теона С. Митевска во Скопје ќе се одржи на 12 октомври, во 20 часот, во киното „Милениум“. Веднаш по премиерата, филмот ќе започне со редовни кинопроекции на репертоарот во скопските кина „Милениум“ и „Синеплекс“.

Покрај тоа, на 13 (петок, по проекцијата во 19.45) и на 17 октомври (вторник, по проекцијата во 19.30) во „Синеплекс“ гледачите ќе имаат можност, веднаш по проекцијата на филмот, да се сретнат со актерите што ги толкуваат главните улоги на разговор и дискусија. Модератор на дискусиите ќе биде филозофот Мариглен Демири, соопштија продуцентите на филмот.

Освен режисерката Теона С. Митевска, на филмот работеа и Агнес Годар, француската директорка на фотографија, која го снимаше овој филм, продуцентката Лабина Митевска и сценаристката Елма Татарагиќ. Главните улоги ги толкуваат шесте млади актери: Леон Ристов, Ханис Багашов,Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов.

Филмот премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, а веднаш потоа следуваа низа успешни учества на голем број значајни филмски фестивали во светот: Филмскиот фестивал во Софија, Бугарија; Фестивалот на европскиот филм во Лече, Италија, каде што беше добитник на награда на „Cineuropa“; Филмскиот фестивал во Линц, Австрија; филмските фестивали во Сиднеј, Австралија, и во Ерусалим, Израел каде овој престижен фестивал го најави како ремек-дело; потоа „Four Rivers Film Festival“ во Хрватска, Сараевскиот фестивал и „Blackcanvas (Festival De Cine Contemporeano)“ во Мексико.

Во Македонија, премиерата на филмот беше на 29 септември на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а на 7 октомври беше прикажан и во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“ во Скопје.

Овој филм ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари некаде на периферијата на Скопје. Тие се возбудени од претстојната ноќ на пиење и лудување пред раноутринската риболовна експедиција. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптоварени со пари и со материјални нешта. Понекогаш се ѓаволести, понекогаш и ангелски; гладни за да бидат возрасни, сепак со детско однесување. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација што расте растргната од социјална несигурност и од сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт…