Одбележување на 45 години македонистика на Универзитетот „М.В. Ломоносов“ во Русија

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во рамки на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) организира настан за одбележување на 45 години од отпочнувањето со работа на лекторатот по македонски јазик и изучување на македонскиот јазик, литература и култура на МГУ „М. В. Ломоносов“ во Русија.

На 18 мај во 13 часот, ќе биде организиран пригоден настан на далечина на платформата „Зум“. Свое обраќање ќе имаат  Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорка на РС Македонија, Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и  Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Работниот дел на настанот со свое обраќање ќе го отвори Весна Мојсова Чепишевска, директорка на МСМЈЛК, а настанот со свои излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет МГУ „М. В. Ломоносов“ ќе го збогатат и професори и соработници од двата универзитета.

 

Свое учество ќе имаат и студентите по македонистика Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет и тоа од додипломските, постдипломските и докторските студии.