„Од загадувач до разубавувач“: Концепт за добивање трајни материјали од отпадна хартија

„Од загадувач до разубавувач – концептот  на социјалниот претприемач Гоце Стевановски, беше награден на годишниот натпревар „Зелени идеи“ организиран од Здружението за социјални иновации „АРНО“.

Се работи за т.н. „ембрионска идеја“ за собирање на отпадна хартија од големите загадувачи и трансформирање во трајни материјали – плочест материјал за столарија и втор материјал, вештачка кожa.

Стевановски објаснува дека сировината за изработка на трајните материјали е отпадниот картон активиран од водата, која во најголем дел е атмосферска и се реупотребува во неколку циклуси. Подоцна во производниот процес од овие материјали се изработуваат репро материјали, но и мебел.

„Причините се повеќе, но секогаш се поаѓа од социо-економскиот аспект, главната цел е преку вработување на маргинизираните групи на граѓани да се очисти хартиениот и картонскиот отпад низ градот кој прави голема низа на проблеми. А вработувањето на маргинизилараните групи ќе го намалат степенот на девијантно однесување во општеството“, вели тој.

Поточно, дополнува Стевановски, загадувачкиот материјал го откупува од маргинализирани социјални групи на кои продажбата на картон им е основен извор за преживување.

Победниците на натпреварот „Зелени идеи“ 2022

„Картонот е материјал кој има потценета вредност, а ние му ја подигнуваме вредноста, па така добавувачите се заинтересирани да го пронајдат и да ни го достават. Проблемите се јавуваат во зимскиот период кога условите се потешки за транспортирање, но со тек на време кога преработката на картонската амбалажа ќе постигне поголема профитна маргина и добавувачите ќе можат да набават по доверливи возила“, забележува Стевановски.

Тој вели дека проблемите на младите претприемачи во земјава генерално е недостатокот на финансии кои се важни за промоција на своите компании, а додава дека социјалното претприемништво е клучно за подобрување на социјалната структура на едно општество.

„Колку се подобри фирмите толку ќе бидат подобри и вработените односно сликата за целото општество ќе се подигне на повисоко ниво“, истакнува Стевановски.

Зборувајќи за свежината која на пазарот ја носи концептот, Стевановски вели дека специфичната густина на материјалот придонесува да тој биде компактен, но со многу помала тежина, со што ќе биде многу полесен за транспорт, а со самото тоа цели комплети на мебел ќе се доставуваат и по пошта.

„Освен репро материјалите произведуваме модуларни парчиња мебел со висок естетски ранг и голем степен на реупотребливост и адаптации на промени на простор и потреби. Генералнотото мислење е дека материјалот има голем потенцијал поради својата цена и олеснета транспортна логистика“, вели тој.

Ивана Смилевска