„Пели“ – зелена идеја фокусирана на отпадот од пелени

Подигнување општествена одговорност за почиста животна средина преку блогови и едукативни кампањи. Поттикнување на родителите за примарно селектирање на отпадот од пелените. Развој на циркуларна економија преку технологија за реупотреба на отпадот и добивање на нов еко продукт.

Ова се трите главни сегменти од „Пели“, една од победничките идеи на натпреварот „Зелени идеи“ на Здружението за социјални иновации АРНО.

Дел од тимот на „Пели“ е Јана Ангеловска, млада инженерка за животна средина која добар дел од образованието го стекнала во Италија. Со својот колега Стефан воделе константни разговори и дискусии за тоа колку отпад сите создаваме како индивидуи, па така дошле до идејата и потребата за „Пели“.

„Неделно августско попладне, седнати на кафе разгледувавме национални документи и податоците од последниот Регионален план за управување со отпад покажуваат дека пелените како дел од комуналниот отпад во Скопскиот регион сочинуваат дури 6% од вкупниот отпад кој завршува на депонија. Не’ заинтересира бројката и прочепкавме по нет, и сличен процент се јавува и во европските земји но и во Кина, Јапонија, Мексико овој тип на отпад е застапен со сличен процент“, раскажува Јана за Радио МОФ.

Како инженери за животна средина, ама и како граѓани, вели таа, не можат да останат рамнодушни на моменталниот начин на управување со сите „предмети”, кои се почесто се со краток животен век и без размислување завршуваат на депонија.

Стефан и Јана, тимот на „Пели“

„За да може да се намали количината на генериран отпад потребно е да се влијае како врз свесноста на луѓето така и врз адаптибилноста на реномираните компании за намалување на непотребниот отпад со примена на циркуларна економија“, потенцира Јана.

Според неа, пелените се одличен продукт кој во себе содржи целулоза (~50%), суперапсорбирачки полимер (SAP) (~15%) како и пластични компоненти (~35%). Но, по отстранување на депонии им се потребни околу 500 години за да се разградат.

„Поради големата количина на отпадни пелени која непотребно завршува на депониите во Македонија, ‘Пели’ има за цел да ја најде вистинската технологија за преработка на овој отпад и намалување на притисокот на искористување нови ресуси преку примена на циркуларна економија. Во рециклирањето на отпадните пелени гледаме иднина и не само ние туку, и големите европски градови“, посочува Јана.

За нивна среќа, вели таа, ја познаваат проф. д-р Анита Грозданов, со која го делат ставот дека во отпадот од пелени има место за иновативност и имплементирање на циркуларна економија.

„Веќе разгледуваме неколку варијанти односно решенија за продукти од отпадните пелени, за кои е рано да се зборува во моментов но бидете сигурни дека во блиска иднина ќе направиме бум не само кај нас, туку и во странство“, потенцира победничката на „Зелени идеи“.

Инаку, освен „Пели“, во категоријата ембрионски идеи победи и „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски, додека во категорија зелени концепти – идејата „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Ве дог фуд-Прилеп. Интересно за годинешниот натпревар е што сите идеи во бизнис моделот го имаат принципот на циркуларност, односно го користат отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство. На натпреварот пристигнаа 20 апликации, од кои 10 се натпреваруваа во македонското финале.

Бојан Шашевски