Обука за сеопфатно сексуално образование на УКИМ на 3 и 4 јули

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА) објавија повик за учество на обука од областа на сеопфатното сексуално образование.

Обуката како што информираат тие ќе се одржи на 3 и 4 јули во Скопје, на кампусот на општествени науки, односно летниковците на филозофскиот факултет во периодот од 9 до 16 часот.

„Обуката опфаќа дводневна работилница за запознавање со седумте компоненти на ССО: род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански аспекти, задоволство, насилство, врски и односи и различност. Обуката ви носи и можност по нејзиното поминување да станете дел од тимот на волонтери ХЕРА Млади. Учесниците кои ќе ја поминат обуката, ќе добијат сертификат. Обуката е бесплатна“, стои во најавата за настанот.

Оттука, тие ги поканија на настанот сите млади кои се студенти на УКИМ, кои сакаат да добијат информации од полето на сексуалното и репродуктивното здравје и права, и кои се мотивирани да бидат волонтери во ХЕРА.

Заинтересираните потребно е да се регистрираат до 30 јуни на следниов ЛИНК.