Објавена новата Еразмус+ програма – во тек е повик за младински проекти за 2021

Објавена е новата Еразмус+ програма која ќе трае до 2027 година, а во тек е и повикот за аплицирање за 2021 година, информираат од Националната агенција Еразмус+.

Претходно одобрена од Европската комисија, новата програма има буџет од 28.4 милијарди евра за целиот период и е планирано да опфати повеќе од 10 милиони учесници.

Повикот за предлог проекти поддржува идеи за мобилност за учење на поединци, соработка меѓу организации и институции, како и поддршка за развој на политиките и соработката.

„Секое јавно или приватно тело активно во областа на образованието, обуката, младите и спортот може да аплицира за финансирање во рамките на Еразмус+ Програмата. Покрај тоа, групи млади кои се активни во работата на младите, но не мора во контекст на младинска организација, можат да аплицираат за финансирање за мобилност за учење на млади и младински работници, како и за стратешки партнерства во областа на младите“, појаснуваат од Националната агенција.

Покрај ова, Националната агенција објави и програмски водич за Еразмус + програмата достапен на следниот ЛИНК.