O2 Иницијатива: Стоп за нова легализација на дивоградби

Тивко и на мала врата, еден пратеник поднесува неколку измени по скратена постапка на стариот закон за легализација на дивоградби, кој го вратија во живот јуни 2021, четири месеци откако веќе беше мртов, и му вбризгаа уште 5 години живот. Пратеникот е Скендер Реџепи, кој беше пратеник на Алтернатива (излезена од БЕСА), а сега си формира своја партија, каде воедно е и претседател – Движење Попули. Измените ги поднесува на 27 ноември, на 5 декември се доставени до сите пратеници, за веќе на 22 декември Талат Џафери да ги стави на пленарна седница (хмммм, не ќе да е само еден пратеник кој ги сака овие измени токму пред избори). Трај-прај со експресен воз, реагираа од О2 Иницијатива.

Според еко-активистите, со измените се легализираат сите дивоградби изградени до 31 декември 2022 година.

Од таму посочуваат дека досега можеше само тие изградени до 4 март 2011, иако, велат тие, и тука имало многу криминални легализации, со „жими мајка“ е изградена до март 2011, а сателитските снимки на Гугл друго покажуваат,

„Ама види, сателитски снимки не се земаат како доказ, туку само изјава. Па да, што ќе ни се нам објективни докази?“, прашуваат тие.

02 Иницијатива потенцира дека се запираат и сите граѓански, управни и судски постапки, вклучително и кривични. Ова го карактеризираат како „повторно упад во судскиот систем, повторно поништување на одредби од редица закони“.

Притоа, потсетуваат дека пред две и пол годинин на барање на граѓанското општество и притисок од јавноста, претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за новиот закон за легализација на дивоградби, кој патем, велат тие, сложно си го изгласаа сите во Собранието, со неколку поединечни исклучоци.

„Истите причини си стојат убаво наредени во овој и плус. Може слободно да си легализираш викендица, хациенда, базени, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи (кои потоа никнуваат во нешто друго), но и цели станбени згради за колективно домување, трговски центри, ресторани, хотели, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази … во заштитени подрачја каде и УНЕСКО Охридскиот Регион, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, подрачја на  заштитено недвижно културно наследство, заштитен појас на државни и локални патишта, железничка инфраструктура итн“, стои во реакцијата на О2 Иницијатива.

Тоа, реагираат еко-активистите, може да го направат и странски правни и физички лица, а сите заедно ќе можат државно земјиште на кое си ги легализираат дивоградбите, да си го откупат за џабе.

„Какви консултации, какво учество на јавност – стручна, засегната, широка, какви јавни расправи, каков ЕНЕР, какви проценки на влијанието на овие измени врз животната средина, земјоделско земјиште, шуми, урбани подрачја… а не дај боже точни и прецизни податоци за видот на објектите, нивните сопственици, приходи, имот, кога биле изградени, каде се наоѓаат, итн. Постојана порака да не се почитуваат законите, да се гради нелегално кој каде ќе му текне, особено тие со добри врски и помоќни од другите и особено на места каде не смее, да се поддржува и мотивира криминал, а да се демотивираат чесни граѓани и да се прават будали пак и пак и пак“, забележуваат еко-активистите.

Од О2 Иницијатива најавија дека формално ќе поднесат барање заедно со други здруженија за повлекување на предложените законски измени до претседателот на Собранието Талат Џафери, но, велат тие, апсолутно немаат никакви очекувања, бидејќи Џафери немал никаков слух за граѓански барања до сега.

„Ако пратениците ги изгласаат измените во Собранието, тогаш ни останува повторно од претседателот Пендаровски, како последна инстанца, да бараме да не го потпише указот за прогласување на законот и да го врати на повторно разгледување во Собранието со задолжителна јавна расправа“, стои во реакцијата.