Охрид СОС: Општина Охрид повторно ќе постапува на штета на езерото и светското наследство

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ преку Фејсбук соопшти дека на седницата закажана за денеска на Советот на Општина Охрид треба да се одлучува за легализација на дивоградби, од кои некои се во непосредна близина на Охридското Езеро и националниот парк Галичица.

Оттаму додаваат дека тоа значи дека советот ќе легализира објекти спротивно на одлука која ја донеле пред еден месец и велат дека општината повторно ќе постапува на штета на езерото и светското наследство.

Во прилог ви ја пренесуваме целосната реакција на иницијативата:

„Имено, член 5 од одлуката на Советот од 29.12.2021 г. вели: „Постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти времено се прекинуваат во крајбрежниот појас на Охридското езеро дефиниран со Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план (2020-2029) и во рамките на Студенчишко блато – согласно ГУП на Охрид, УЗ 17 УБ 17.1 (строго заштитена зона-Студенчишта).“ (Сл. Гласник 17/2021)

Во крајбрежниот појас од 50 метри, којшто е назначен во Планот за управување до донесувањето на Урбанистичкиот план за крајбрежје, секако не дозволува ниту изградба, најмалку легализација. Истиот појас е заштитен и со Закон за водите. Така што одлуката на Советот, доколку се земат само 50-те метри е бесмислена и не значи ништо за заштита на вредностите на регионот.

Членовите на Советот мора да се запознаени со статусот на крајбрежјето, а тоа е дека за крајбрежјето во подготовка е Урбанистички план за крајбрежје со кој ќе се утврдат границите на крајбрежниот појас и согласно тоа, условите за планирање. Дотогаш, било какви постапки во насока на поголема урбанизација во најосетливите предели околу Езерото, може да се сметаат само за спротивни на Планот за управување.

Уште поважно, ваквата легализација е спротивна на препораките на УНЕСКО, при што за нелегалните градби треба да се изработи Оцена за влијанието врз животната средина и Оцена за влијанието врз културното наследство и согласно тоа, да се одлучува дали објектот може да се легализира или не. Сопирање на нелегалната градба е исто така една од препораките на УНЕСКО уште од 2017 година, но досега ни од тоа ништо не сме виделе.

Во Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион стои дека „при управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион ќе се применуваат најстрогите мерки и стандарди со цел за заштита на животната средина и заштита на природното и културното наследство.“ Досега гледаме дека советите на Општина Охрид, со ред, најдлабоко се поклонуваат само пред законот за легализација.

Манипулациите со законите и Планот за управување, заобиколување на препораките на Центарот за светско наследство, глумење загриженост пред УНЕСКО, станаа наше срамно обележје.

Затоа, го повикуваме градоначалникот Пецаков, како и членовите на Советот, точките на дневен ред кои се однесуваат на легализација на бесправно изградени објекти, особено во близина на Езерото, во националниот парк и во сега неурбанизирани подрачја, да се симнат од дневен ред, а процесите да се водат во насока на заштита. Потсетуваме дека, согласно законот, Општина Охрид е одговорна за состојбата со светското наследство кое може да го користи САМО „на начин кој овозможува негово зачувување во изворна состојба, зачувување и обновување на постојната биолошка и пределска разновидност во состојба на природна рамнотежа и обезбедување на одржливо користење на природното наследство во интерес на сегашниот и идниот развој.“

Легализација во непосредна близина на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица е постапување директно спротивно на начелата за заштита на Исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион чиј УНЕСКО статус виси токму како резултат на вакви практики“, стои во реакцијата на „Охрид СОС“.