Новите мерки отворија дилеми за угостителскиот пристап при есенскиот налет на Ковид-19

Јавни реакции, поделени мислења и дискусии донесоа мерките предложени од Комисијата за заразни болести, усвоени и на седница на Владата. Додека низ интернет просторот се шират снимките со преполни клубови, предлог мерките против Ковид-19 воведуваат рестрикции за гостување на групи и диџеи во угостителските објекти, максимално ниво на бучава до 55 децибели и максимум 4 луѓе на маса. Комисијата тврди дека промените не го ограничуваат работењето на угостителските објекти, додека Независната комора на угостители смета дека „не ни треба крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели“.

„Но, што ако ковид-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза, туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот“, напиша претседателот на Комората, Здравко Јосифовски во дописот до медиумите.

Според него, повторно, без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата, д-р Караџовски ја злоупотребил Комисијата за заразни болести. Јосифовски смета дека ова е направено самоволно поради, како што вели, десетина неодговорни угостители и угостителски објекти, па Караџовски одлучил да казни 6.500 угостители со 35.000 вработени.

„Наместо да изработат и предложат или да ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, Комисијата со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика непотребни протести и угостителска криза со Владата. Многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да излезе во пресрет на барањата на директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат“, вели Јосифовски.

Тој прашува и дали се само угостителите одговорни и криви за т.н. големи настани. Според Јосифовски, ниту еден угостител или локал самостојно од продадени карти и пијалоци со овие протоколи за работа не може да ги покрие трошоците на гостување на познати естрадни пејачи и диџеи од соседството.

Од друга страна, Комисијата за зарасни болести е зачудена од, како што велат, нападите кон нив, бидејќи тврдат дека во изготвувањето на сите протоколу активно комуницирала со сите чинители и угостители.

„Протоколите се на сила повеќе месеци и Комората досега немаше проблем со истите, напротив го поздравија и се согласија со нивното носење. Препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави”, велат од Комисијата.

Од таму додаваат дека новите мерки и малата промена на протоколите апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани.

„Дополнително, во целиот свет и Европа во моментов има есенски бран каде меѓу првите мерки е целосно затварање на баровите и рестораните, а на многу места веќе има нови вонредни состојби. Целта на Комисијата за заразни болести е со помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи. Искрено се надеваме дека ќе имаме и понатаму успешна соработка и разбирање за одлуките бидејќи тие се исклучиво во насока на заштита на јавното здравје”, соопштија од Комисијата.

Денес со свој став се јави и Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија. Побара да не се казнуваат сите угостителски објекти заради поединечни прекршители.

„Угостителските објекти мора да ги почитуваат протоколите за заштита од ширење на вирусот ковид-19, граѓаните да внимаваат дали локалите каде одат ги почитуваат мерките за заштита, а инспекциските служби и полицијата треба соодветно и ефикасно да ги казнуваат прекршителите“, потенцира Ангеловски.

Тој смета дека проблемот е комплексен бидејќи се донесоа многу различни протоколи, кои на некој начин на одредени локали им дозволиле на организираат настани. Како пример го посочува протоколот за организирање на музичките настани каде не е јасно дефинирано кој може да ги организира.

Ангеловски посочува и дека треба да се работи на подигнување на јавната свест на луѓето за важноста на почитувањето на протоколите. На тој начин, вели тој, ќе се дава предност во изборот на угостителски објект кои ги почитуваат мерките, со што и другите ќе бидат стимулирани да работата на пропишаниот начин.

„Надлежните институции кога ги носат новите мерки да се свесни дека треба да се движиме во правец на изнаоѓање на начин на безбедно функционирање на сите дејности во актуелните услови преку носење на соодветни протоколи и паралелно со тоа развивање на механизми за санкционирање на прекршителите. Во спротивно ќе се најдеме во ситуација да се носат рестрикции кои секако некој нема да ги почитува и да се враќаме назад до степен на целосен карантин. Таквата политика на дејствување економски е неиздржана“, вели Ангеловски.

Казните и критиките во јавноста пред три дена не го спречија скопскиот кафе-бар „Мош“ и да организира нова забава во која воопшто не се почитувале протоколите за заштита од коронавирусот. Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат веќе посочи дека само во текот на завчерашниот ден, инспекторите налетале на седум свадби во угостителски објекти во Скопје, Тетово и во Струга. Посебно го посочи случајот со Струга, каде што во еден локал на два ката, во исто време се одржувале две свадби, со по 200 гости. Дополнително, корисници на социјални мрежи во текот на викендот споделуваа слики и видеа од дополнителни десетина локали и барови кои организирале журки без никакво почитување на протоколите.

За ваквите кршења на протоколите од некои угостителски објекти реагираа и од Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) кои преку јавно соопштение прашаа како воопшто се дозволуваат вакви музички настани.

„Дали Владата е свесна дека со премолчувањето и несанкционирањето на ваквите појави директно влијае на уништување на цела една индустрија во државава, а тоа се организаторите на настани, промоторите, културните работници? Зошто Владата и надлежните дозволуваат за некого да се мајка, а за некого маќеа?“, реагираа од ИВАП.

Денеска од групата Events promo MK стигна и најава за собир пред Владата на 7 октомври (среда) од 14 часот. Протестниот собир се вика „Против уништување на ноќните клубови во Македонија“.

Додека до медиумите продолжуваат да пристигнуваат реакции и соопштенија, во изминативе 24 часа се регистрирани 83 нови случаи на Ковид-19 од вкупно 539 тестирања, а четворица се починати. Викендов бројките беа поголеми – 191 новозаболени во неделата и рекордни 243 случаи во саботата, со по три починати лица секој од деновите.

Од друга страна, Комисијата донесе предлог одлука за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без PCR тестирање. Владата да даде зелено светло и за т.н „Викенд без ДДВ“. Една милијарда денари, или 17 милиони евра предвидува да врати на граѓаните Министерството за финансии со вториот ребаланс на буџетот за продолжениот викенд на 10, 11 и 12 октомври, што отвори прашања како ќе се изведе тоа во поглед на трговските центри и потенцијалните гужви.

Бојан Шашевски