Владата забрани диџеи и гласна музика, Комисијата препорача отворање на границите без ковид тестови

Владата на Република Северна Македонија синоќа, на осмата седница ги усвои заклучоците од состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со предлог мерки за спречување од ширење на коронавирусот КОВИД-19 со што се воведоа рестрикции во работата на угостителските објекти. Денеска пак комисијата Комисијата донесе предлог одлука за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без PCR тестирање.

Велат дека нивните анализи покажале дека во моментов нема индикација, односно нема висок број на импортирани случаи во земјава со ковид-19 од овие земји. Согласно тоа, додаваат, нема ризик и безбедно е отворањето на границите.

На синоќешната седница пак Владата ги прифати ги препорача следите рестриктивни мерки на Комисијата:

• Не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).

• Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.

• Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица. Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, точка 6. се брише и се заменува со „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“, а во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се додава нова точка: „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“.

• Комисијата укажа, а Владата прифати на стриктно почитување на точка 3. не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите.

• Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.

Владата ја одобри и препораката на Комисијата за отворањето на училишните кујни за децата со продолжен престој со стриктно почитување на правилата за добра производствена и хигиенска пракса утврдени со Закон за безбедност на храна, како и НАССР стандардите и Протоколите за заштита од КОВИД-19, со напомена послужувањето на оброците да се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки.