Нова Критична маса во Прилеп: Со велосипед, за почист свет

На плоштадот „Александрија“ во Прилеп, на 26 јуни (среда) од 19 часот ќе започне новата, 61-ва велосипедска Критична маса.

„Да го поттикнеме возењето велосипед во летниот период што следи, а со тоа и да се намали загадувањето на воздухот и бучавата во Прилеп. Да ја зачуваме нашата животна средина“, велат од ПрилепНаТочак.

Вело-активистите нагласуваат дека со секое вклучување на моторот на колата, секој граѓанин го загадува воздухот кој го дише со своитеблиски.

„Покажи му на тој до тебе како може да се заштити себеси и Прилеп од загадениот воздух. Предложи му на колегата да одите заедно до работа со точаци, оди на кафе со точак, собери ја девојка ти на точак за на театар, плати сметки на точак, оди кај баба ти на пита со точак. Вози за почист Прилеп“, соопштуваат активистите.

Како граѓани на Прилеп, им останува да го прават она за што се залагаат.

„Да тргнеме од себеси, да почнеме или да продолжиме да возиме велосипед, да не чекаме подобри услови, туку со своето присуство на улиците, да покажеме дека тие услови се повеќе од неопходни! Биди дел од промената, зошто градот е она што прават неговите граѓани. Вози точак секој ден, а во среда дојди на Критична маса во 19 часот пред споменикот на Александар. Се гледаме на плоштад, ѕрн ѕрн!“, стои во соопштението за новата Критична маса 61.