НМСМ со 16 барања до кандидатите за пратеници

Во пресрет на Парламентарните избори, Националниот младински совет на Македонија како најголемо претставничко тело на младите и младинските организации во државата испрати 16 барања до од кандидатите за пратеници.

Листата на барања ја пренесуваме интегрално:

1.Отворено и партиципативно креирање на политиките за млади на сите нивоа, водени според принципите на младински права и учество.

2.Имплементирање на Националната стратегија за млади на Република Македонија 2016-2025

3.Подобрување на статусот и можностите на младинските организации и обезбедување на гарантирана структурна и финансиска поддршка за младинскиот сектор.

4.Креирање законски решенија во насока на унапредување на младинските состојби, вклучувајќи и Закон за млади, низ темелен, инклузивен и транспарентен процес

5.Воспоставување на механизам за соработка и координација меѓу државните институции и Националниот младински совет на Македонија

6.Воспоставување на фокусни точки за млади во рамките на државните институции со цел меѓусекторскo поврзување

7.Формирање на младинска лоби група во рамките на Собранието на Република Македонија во соработка со Националниот младински совет која ќе ги наметнува младинските теми и прашања во законодавниот дом.

8.Поддршка на здружувањето на младите на локално ниво низ форми на младинско претставничко организирање и соработка меѓу претставничките форми на здружување и институциите на единиците на локалната самоуправа

9.Гаранција за слободата на здружување на средношколците и студентите

10.Подобрување на економскиот стандард, а пред сè намалување на невработеноста кај младите во Република Македонија

11.Систематско намалување на одливот на квалитетен млад кадар од Република Македонија

12.Обезбедување на услови за унапредување на здравствените политики во нашата земја, вклучително и на оние што се однесуваат на сексуалното и репродуктивно здравје на младите.

13.Остварување на системи за поддршка на млади на локално, регионално и национално ниво, преку обезбедување на финансиска и административна поддршка од секоја општина за младински центри, младински клубови и младински иницијативи. Поддршка за дефинирање на национална рамка за квалитет на работата со млади (младинска работа) и осигурување дека сите млади ќе имаат еднаква можност за пристап до младински програми.

14.Унапредување и заштита на правата на младите и борба против дискриминацијата врз секоја основа.

15.Поддршка за Националниот младински совет на Македонија соодветно да ги претставува младите од државата пред соодветните Европски структури како што е Европскиот младински форум, како и во процесите на структурен дијалог на Европско и глобално ниво.

16.Остварување на евроинтеграциските процеси и европските вредности како основен предуслов за подобрување на социо-економската и политичка ситуација на младите.

Потсетуваме дека претставници на подмладоците од 13 политички партии во март годинава го ставија својот потпис на Декларација за промовирање на ефективни политики за младите во Република Македонија, која ги содржи токму овие барања.